Како да се ослободите од зависноста од паметниот телефон: трикови што ќе ви помогнат уште денес

Како да се ослободите од зависноста од паметниот телефон: трикови што ќе ви помогнат уште денес

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дали некогаш сте го зеле телефонот за да проверите порака и сте почнале бесцелно да скролате цел час? Не сте сами, а зад ова компулсивно однесување стои моќна мозочна хемикалија - допамин. Во денешниот свет паметните телефони станаа зависност што влијае врз нашето ментално здравје, но науката нуди докажани методи за враќање на контролата.

Допаминската стапица во нашиот џеб

Во срцето на нашата зависност е допаминот, невротрансмитерот што нè мотивира да бараме награди. Секое известување, лајк или порака ослободува допамин, создавајќи повратна јамка што нè тера да се враќаме за повеќе. Технолошките компании свесно го искористуваат ова со функции како можност за бесконечно скролање и црвени боја на известувањата.

Тие работат на принципот на „променлив распоред на награди“, истиот што е дел од слот-машините. Бидејќи не знаеме кога доаѓа следната награда, компулсивно проверуваме. Последиците се сериозни: распонот на внимание се намалува, а хроничната прекумерна употреба е поврзана со намален волумен на сивата материја во префронталниот кортекс во мозокот, што доведува до когнитивен пад.

Прекинувањето на циклусот на зависност не бара само волја, туку примена на паметни стратегии што одат во корист на нашите мозоци. Бихевиоралната наука нуди алатки што можат да ни помогнат да го вратиме фокусот и благосостојбата.

Редизајнирајте ја вашата дигитална околина

Најлесниот начин да го промените однесувањето е да ја промените вашата околина. Наместо да се потпирате на самоконтрола, отежнете си го вклучувањето во несакано однесување. Исклучете го биометриското отклучување - рачното внесување на вашата лозинка го прекинува процесот на автоматска верификација. Уште поефикасно е вклучувањето на црно-белиот режим.

Студиите потврдиле дека отстранувањето на бојата значително го намалува времето поминато пред екранот, како и вознемиреноста. Конечно, направете физичка дистанца - полнете го телефонот во друга соба и чувајте го во вашата чанта додека работите.

Заменете ги навиките наместо само да ги отстраните

Навиките не се бришат, тие се заменуваат. Прво, идентификувајте што ве тера да посегнете по вашиот телефон - досада, вознемиреност или чекање во ред? Потоа подгответе „конкурентен одговор“. Наместо автоматски да скролате, свесно одлучете се да прочитате страница од книга, да испиете чаша вода или да се истегнете. Со секое повторување, зајакнувате нови невронски патишта, создавајќи живот во кој вашиот телефон е корисна алатка, а не господар на вашето внимание.

Поставете јасни граници преку дигитален минимализам

Поставете јасни правила за употреба. Наместо да дозволите известувањата да ви го диктираат денот, групирајте ги и проверувајте ги само два-три пати дневно. Остатокот од времето нека бидат исклучени. Одредете зони без екрани, како што се вашата спална соба и трпезариската маса, за да го подобрите сонот и да ги зајакнете социјалните врски.

Повремените „дигитални пости“, како што е викенд без социјални мрежи, го ресетираат допаминскиот систем, враќајќи ви ја способноста да уживате во помалку стимулирачки активности.

Извор: 24sata.hr

Фото: Freepik