Колумна: За промена, драги мажи, барем годинава да си ги зачуваме цвеќињата за себе

Колумна: За промена, драги мажи, барем годинава да си ги зачуваме цвеќињата за себе

Особено трогнат од последната трагедија во соседството, одбивам да учествувам и ги повикувам сите разумни и нормални мажи да не бидат дел од лицемерното чествување на 8 Март и наместо тоа, да бидеме присутни кога сме најпотребни, преку целата година.

Неколку недели наназад низ глава ми се вртеше дел од овој текст. Си реков, секоја година жените пишуваат колумни за Меѓународниот ден на жената, па да пробам годинава да придонесам со една друга перспектива, па наместо до жените, да се обратам до нас, мажите. Пишувањето се остави за ако се најде време, а тоа време, за жал, дојде многу брзо. „Мајка скокнала од тераса со своето дете во Тафталиџе“...

Чекај малку, јас живеам таму, ова е преку улица!? Доволно далеку да слушнам и да реагирам, доволно близу да ставам лице на жртвите. Кога седнав да разгледам што стварно се случило, за момент нешто се промени. Вестите за фемицид што дотогаш ги гледав како уште една обична трагедија и несреќен случај, сега добија боја и смисла. Жртвите на оваа трагедија веднаш добија лик, лик што веројатно безброј пати сум го сретнал во маалското дуќанче, без да знам што се крие зад нивните тажни очи. И така, нешто што инаку ќе се пишуваше со часови, сега се напиша во еден здив.

Едни купуваат, други се радуваат, а никој не знае зошто

Уште од деновите во предучилишна возраст и првите години од основното образование, за нас, а верувам и за новите генерации, првата недела од март навестуваше голема радост. Потопло сонце, подолги денови, повеќе можности за игра со другарчињата по школо на улица. Но, она по што верувам сите ја паметиме и за што традиционално беше резервирана е изработката на колоритни цртежи, слатки пораки и цвеќиња за време на часовите, за нашите мајки, баби, тетки, стрини. Да вложиме труд и дел од нашето скапоцено детско време, да дадеме внимание, да стоплиме нечие срце.

Во периодот на растење и созревање, заедницата и образовниот систем успешно ни всадија во детските глави дека 8 Март е денот на мајката, денот на девојките, Денот на жената. Ден кога на т.н. „понежен пол“ општеството треба да му посвети особено внимание. Нешто да создадеме, нешто да напишеме, па и нешто да им купиме и да ги израдуваме. И толку…

Никој никогаш не се потруди да вложи исто толку труд и време колку што ние вложувавме во нашите изработки и да нѐ подучи што е суштината на тој ден. Кој започнал да го слави? Зошто? Што е пораката што треба да ја пренесе? Што е целта што треба да ја постигне? Дали го правиме чисто колку накратко да ги израдуваме жените во нашиот живот или треба да ни послужи како потсетник дека треба да ги почитуваме и чуваме не само тој ден, туку преку целата година. Верувајте, и ден-денес да ме прашате нешто од ова, не знам дали би ви дал одговор.

Со годините, и покрај неговата силна симболика, почнав да го презирам, па често и да не ги исполнувам предвидените адети за тој ден. Го гледав и сè уште го гледам како голем ден, кој за жал општеството, а дури и жените, целосно погрешно го доживуваат. Ден на големи очекувања да ја задоволат својата потреба од внимание и да добијат подароци - за жените, и ден на социјален притисок за креативност и присилба кон лицемерие - за мажите.

Поразлично од повеќето обични утра, утрото на 8 Март жените и девојките посебно насмеани итаат кон своите работни места и универзитетски клупи. Денес е денот кога сè се врти околу нив. Денес е денот кога, за чудо, сите ги почитуваат.

Во цвеќарниците, невообичаено, мнозинството мажи, со отворени очи и особен интерес се трудат да го изберат најдобриот подарок за своите сакани. Кафеаните и баровите полни - голем број жени кои првпат после месеци излегле да се развеселат - не дека инаку не сакаат, туку дека само денес имаат причина и дозвола да излезат и да го слават животот.

Изнемоштената бабичка и понатаму е со гајбата цвеќиња пред Буњаковец, со последните сили чека денот да заврши, ама барем, за промена, денот го минува со широка насмевка и очи насолзени од радост, дека денес луѓето одеднаш не ја одминуваат како до вчера. Малите дечиња со надуени срцести балончиња, пак, неочекувано се добредојдени на секоја маса во Дебар Маало. Сѐ е поразлично. Денес се слави жената, а од утре се „јово на ново“.

Ајде барем годинава да не се правиме на удрени

Вака денот во Скопје изгледал на 8 Март пред неколку децении, вака изгледаше пред две години, а ми се чини ништо поразлично не беше ниту лани. Но, барем годинава нека е поразлично? Ајде барем годинава да си ги оставиме лицемерието и душегрижноста дома.

Ајде барем годинава да не им подаруваме подароци на жените и да се залажуваме себеси дека гревовите за тоа како ги третираме како општество секој ден во годината ќе се избришат со едно купено каранфилче и кратка срцезатоплувачка порака, бакнеж и честитка. Ајде барем денес да не лажеме дека со новиот парфем ќе се искупиме за минатиот што им го скршивме, или дека со големиот букет рози ќе ги подзаборавиме шлаканиците во кола од минатиот викенд.

Ама добро, ако стварно инсистирате нешто да им подариме, еве во најмала рака, дајте барем нека не е на самиот ден.

Нека е во мај кога ќе седнеме како мажи да позборуваме со нашиот ближен за неговото ново „хазардно хоби“ на кое го троши семејниот буџет, не е безизлезно и дека бесот што го носи дома не е приватна работа.

Или, да ја пролонгираме уште некој месец, во јуни, кога наместо да вртиме глава пред пијаниот дечко што малтретира девојки пред дискотека, ќе одлучиме да истапиме и да глумиме дека сме нивни пријатели.

Или да подариме нешто во август, кога ќе бидеме глас на нашите безгласни мајки, тетки, вујни, работнички кои ќе се пожалат дека по враќањето од презаслужениот годишен одмор, мобингот на работа од нивниот шеф и понатаму продолжува.

Ако случајно се подзаборавиме, а дошол септември, може наместо честитка, да направиме чистка од профили што пропагираат мизогинија по социјалните мрежи и луѓе што лајкнуваат и споделуваат рилчиња со анегдоти за „шамарање млади девојки у старо фиќо“.

Или ајде, нека биде тоа и во рана зима, кога семејното насилство станува почесто: да честитаме со тоа што ќе бидеме поткрепа на наша пријателка, роднина, сосетка кога ќе има потреба од засолниште и сигурен дом, понастрана од својот насилен партнер.

Ако годината поминала, а ние тек тогаш сме ги симнале розовите очила, пред новиот 8 Март ќе имаме можност конечно да го пријавиме и конфронтираме насилниот сосед што со години ја тепа својата сопруга пред очите на своето мало дете. И иако целото соседство му се плаши, а и нам коски ни се тресат зашто знаеме од што го печали лебот, верувајте ми, четиригодишното невино девојче затворено во малиот стан со него е многу поисплашено од нас и никогаш нема да ни ја заборави таквата осмомартовска честитка, што ја заслужила повеќе од кој било на светов.

Нашите осмомартовски честитки завршуваат во канта

Џабе, другари, трчаме да купуваме подароци и да го честитаме Денот на жената кога секој ден, свесно или несвесно, ги оставаме сами да се соочуваат со предизвиците што нивното секојдневие ги носи. Џабе ќе им честитаме ако ништо не сме направиле од претходниот 8 Март да ги заштитиме да не бидат малтретирани, тепани, силувани, убивани од насилниците што се насекаде околу нас.

Џабе ќе им честитаме кога сме рамнодушни и го исмеваме нивниот оправдан страв од непознати луѓе на враќање навечер дома, од секој агресивен и непријатен таксист во ноќните часови, од секој маж што ќе ги погледне во и така не функционалниот јавен превоз, од насилството што го трпат од нивните најблиски, во домот каде што треба да се чувствуваат заштитени и безбедни.

„Со два ножа и ножици ја избол мајка си до смрт“, „Четворица неготинчани силувале 13-годишно девојче“, „Ја удирал партнерката пред четиригодишната ќерка“, „Скопјанец ја давел и тепал бремената девојка, го убедила да одат на лекар, па побегнала на семафор“, „Почина бабата која беше брутално претепана од својот внук“, „Сериски убиец во Куманово, таргетирал жени“, и едно од најболните: „Мајка и ќерка загинаа во Тафталиџе“. Колку и да сакам да помислам дека ова е колаж на настани од изминатата деценија, ова се само мал дел од насловите што ги посведочивме во новата година, а едвај поминале два месеца.

Сите ние како општество, како соседи, роднини, пријатели избираме да соучествуваме. Свесно избираме да го игнорираме крикот за помош на жртвите што од немање избор му даваат нова шанса на дечкото насилник, сопругот дилер, внукот коцкар, соселанецот со психички проблеми. На наши раце е секоја повлечена пријава од секоја жртва на семејно насилство. Пријавите никогаш не се повлекуваат од љубов, туку од страв. Страв од непознато, страв од одмазда и реперкусии, страв од демнење, од критики од општеството...

Во општество каде што насилството е секојдневие, луѓето тешко се ставаат себеси во улогата на жртвата и не се обидуваат да ја разберат нејзината положба, па наместо да ѝ понудат поддршка, жртвата често се соочува со непотребни обвинувања, напади и нов удар врз нејзината гордост и достоинство.

Повик наместо честитка


Особено трогнат од последната трагедија во соседството, одбивам да учествувам, а и ги повикувам сите разумни и нормални момчиња и мажи во државата да одбијат да бидат дел од лицемерното чествување на празникот на жената и наместо тоа, да избереме да бидеме присутни во секој друг ден од годината, кога на жените навистина сме им најпотребни, без разлика дали се носат со дискриминација, обесправеност или во најлош случај насилство.

Наместо букетот рози што за недела дена ќе овене, поголема корист ќе има кога ќе се соочиме со суровата реалност дека незанемарлив број на мажи околу нас се насилници и дека поради сонливоста на институциите уживаат особена слобода за самоволие која мора да биде предизвикана и конфронтирана на секој можен начин, од мене, од тебе, од сите нас.

Кога системот потфрла, не мораме и ние!


За Ивана, за Росица, Марија, Римјана, Емилија… За малата Кате која и во тој краток живот не успеа да ја почувствува убавината на детството од насилството на нејзиниот татко. За сите жени и девојки што го загубија животот од раката на своите најсакани. Конечно да се разбудиме и да станеме свесни за нашата граѓанска и човечка обврска да ги заштитиме безгласните кои, и покрај сѐ што се случи, институциите продолжуваат да ги игнорираат.

Ниту една повеќе.

Автор: Ѓорѓи Хаџи Василев, политиколог