Оваа земја со закон го штити животот на село - звуците и мирисот на село се национално наследство
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Животот на село има свој посебен ритам. Таму денот започнува порано, на спиење се оди пред полноќ, а природата е постојано присутна во секојдневието. Звукот на петелот наутро, мукањето на кравите, лаењето на кучињата, работата на тракторите на нивите и мирисот на свежо косена трева или ѓубриво се дел од реалноста која со генерации не била доведувана во прашање.
Но во последните години, како што сè повеќе луѓе ги напуштаат градските станови и се преселуваат во рурални подрачја во потрага по мир и поквалитетен живот, токму тие звуци и мириси стануваат предмет на спорови.
Судовите преплавени со спорови меѓу староседелци и нови жители
Во Франција конфликтот меѓу староседелците и новите жители станал толку изразен што завршил на суд. Поднесени се многу тужби против фармери поради бучава од животни, работа на земјоделски машини или мириси кои се составен дел од земјоделското производство.
За да одговори на овој проблем, Франција во последните години постепено ја зајакнала правната заштита на руралниот начин на живот. Клучниот чекор бил направен во 2021 година, кога во законот бил воведен концептот на таканаречено „сензорно наследство на селото“.
Со тоа, звуците и мирисите карактеристични за руралните подрачја биле препознаени како дел од националното наследство, еднакво вредни за зачувување како архитектурата или традицијата. Пораката била јасна: селскиот живот не е сценографија, туку реалност со свои правила.
Јасна порака од парламентот
Дополнителен чекор бил направен на крајот на 2023 година кога францускиот парламент усвоил закон со кој се ограничува можноста за покренување тужби против земјоделците поради вообичаени непријатности како бучава и мириси.
Услов е тие активности да постоеле пред доаѓањето на новите соседи и да се вршат во согласност со законот. Со други зборови, ако фармата била таму со децении, а некој подоцна купил куќа во нејзина близина, таа личност не може да бара забрана за работа поради звуци кои отсекогаш биле дел од тој простор.
Баланс меѓу правото на мир и правото на работа
Новиот закон не им дава неограничена слобода на земјоделците и не ги ослободува од другите прописи. Земјоделските активности и понатаму мора да бидат законски, усогласени со еколошките стандарди и да не ги надминуваат границите на вообичаеното. Но пораката е јасна - нормалната земјоделска работа не може да се смета за штетна само затоа што некому му пречи.
Заштита на традицијата
Темата ја надминува правната рамка и отвора пошироко прашање за односот на современото општество кон традицијата. Во време кога сè повеќе се зборува за одржливост, локално производство на храна и зачувување на руралните заедници, заштитата на фармерите станува и стратешко прашање.
Францускиот пример покажува дека законот може да се користи како алатка за зачувување на идентитетот на просторот. Селскиот живот не е тишина без звук, туку усогласување меѓу луѓето, животните и природата. Мирисите на земјата и звуците на добитокот не се пречка, туку потсетник на изворот на храната и на континуитетот на традицијата.
Извор:
Putnikofer.hr
Фото: Freepik