Запознајте ја пчелата која е и машка и женска единка

Запознајте ја пчелата која е и машка и женска единка

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во 2018 година Ерин Кричилски, истражувач, открила необична пчела. Едната половина од пчелата личела на машка единка, додека другата имала женски карактеристики.

Кричилски тогаш била истражувачки асистент на Институтот „Смитсонијан“ во Панама. Мистериозниот инсект кој го открила Кричилски бил редок примерок на гинандроморф - животно кое анатомски е половина машко, а половина женско. Ова бил прв случај на гинандроморф откриен кај видот пчели megalopta amoena, што се наоѓаат во Централна и во Јужна Америка.


За разлика од хермафродитите, кои често изгледаат како машки или женски, но имаат репродуктивни органи од двата пола, гинандроморфите ги делат и другите карактеристики на половите. Научниците досега откриле гинандроморфи кај разни животински видови, вклучувајќи и пеперуги, рептили и птици.

Генерално, пчелите, осите и мравките живеат во матријархални заедници во кои женките ги прават главните активности, како собирање полен, градење гнезда и грижење за потомците. Машките не прават ништо особено освен размножувањето. Соодветно, научниците лесно може да препознаат мажјаци и женки од овие видови само по нивните физички карактеристики.


Фото: Pixabay

Истражувачите не се сигурни како се родила необичната пчела што ја пронашла Кричилски, но други слични појави посочуваат дека можеби станува збор за случај во кој сперматозоид влегува во веќе оплодена јајце-клетка. Ова двојно оплодување може да објасни некои случаи на гинандроморфи. Друго објаснување е грешка во клетката во женски ембрион со која наместо женската клетка да се размножи во две женски клетки, се создаваат една машка и една женска клетка.

Овој вид сексуална флуидност веројатно се појавува во природата почесто отколку што мислиме, вели Кричилски.

Автор: Кетрин Џ. Ву
Извор: smithsonianmag.com