Мало шведско гратче станува центар на автомобилската индустрија секоја зима

Мало шведско гратче станува центар на автомобилската индустрија секоја зима

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој автомобил се тестира повеќепати пред да излезе на пазарот. Некои од овие тестови вклучуваат возење во екстремни услови, како на мраз и на многу ниски температури. Арјеплуг, град во Шведска што се наоѓа околу 100 километри јужно од Арктичкиот Круг, е местото во кое многу автомобилски компании од Европа и од Азија ги спроведуваат овие тестови. Во регионот има многу езера, па замрзнатата водна површина претставува идеална локација за тестирање автомобили.

Германската технолошка компанија „Бош“ била првата што тестирала систем за кочници во Арјеплуг на почетокот од 70-тите години. Претходно компанијата ја тестирала својата автомобилска технологија на Алпите, но тестирањето на кочниците барало широк и отворен простор. Од компанијата откриле замрзнато езеро во Арјеплуг на кое гледале дека слетуваат мали авиони. Набрзо компанијата купила дел од езерото Хорнаван и најмила експерти кои го подготвувале мразот за тестирање на автомобилите.

Денес, речиси секоја автомобилска компанија, вклучувајќи ги и „Ленд ровер“, „Континентал“, „Фиат крајслер“, „Опел“ и секако, „Роберт Бош“, имаат постојани бази во Арјеплуг. Од јануари до март бројот на жители во градот се зголемува од 1.800 на над 8.000 бидејќи доаѓаат инженери и вработени во автомобилските компании.


Во градот има патеки за тестирање долги 2.000 километри. Патеките се градат во декември, кога мразот е дебел од 5 до 10 сантиметри. Како што се здебелува мразот, така се испраќаат различни возила за подготовка на патеките. Мразот е доволно дебел за возење кога ќе достигне 45 сантиметри, но тестовите најчесто почнуваат кога мразот е дебел барем 60 сантиметри. Со таа дебелина мразот може да издржи тежина до 25 тони.

Дебелината на мразот се проверува во текот на сезоната со специјални инструменти, а понекогаш се прават дупки за да излезе вода на површината и да се замрзне, со цел да се добијат нови слоеви мраз.

Во Арјеплуг има повеќе хотели во кои се сместуваат гостите, а многу локални жители ги изнајмуваат своите домови, но и нудат туристички тури. Дел од жителите се вработени во автомобилските компании. Над 180 милиони долари годишно се трошат на активности поврзани со автомобилската индустрија во градот.

Автор: Кошик Патовари
Извор: amusingplanet.com
Фото: Pixabay