Како правилно да ги складирате зимските гуми?

Како правилно да ги складирате зимските гуми?

Со првите потопли денови и календарскиот крај на зимата, за повеќето возачи завршува една сезона и започнува подготовката за друга. Замената на зимските гуми со летни е рутинска работа, но приказната не завршува тука. Што да правите со зимските? Многумина едноставно ќе ги остават во аголот на гаражата, подрумот или на балконот, не размислувајќи дека правилното складирање е клучно за зачувување на нивните перформанси, но и за сопствената безбедност.

Гумите што не се чуваат соодветно ги губат своите својства, се деформираат и станува неупотребливи, што значи дека следната сезона ќе мора да инвестирате во нови. Едноставното правило е – за гумите да ве чуваат вас, мора и вие да ги чувате нив.

Подготовката е половина работа


Пред да ги испратите вашите гуми на заслужен одмор, потребно е соодветно да ги подготвите. Немојте да го прескокнувате овој чекор бидејќи од него во голема мера зависи во каква состојба ќе ги затекнете по неколку месеци. Првата и основна задача е темелно чистење. Во текот на зимата на гумите се таложат сол, кал, прашина од кочниците и остатоци од масло. Сите тие материи агресивно влијаат врз гумата и можат да ја оштетат при повеќемесечното стоење. Измијте ги со благ детергент и вода, а посебно внимание обрнете на жлебовите од кои треба да ги отстраните сите камчиња и туѓи тела. По миењето, клучно е гумите да бидат целосно суви за да се спречи корозија на бандажите и создавање мувла.



Проверете дали на гумите има пукнатини, дупчиња или испакнатини. Поминете со раката по целата површина, од внатрешната и од надворешната страна. Секое оштетување е знак за тревога и потенцијален ризик во следната сезона. На крајот, не заборавајте да ја означите позицијата на секоја гума на возилото (на пр., ПЛ за предна лева, ЗД за задна десна). Тоа ќе ви овозможи следната сезона правилно да ги ротирате, со што се осигурува порамномерно трошење и се продолжува нивниот век на траење.

Идеални услови за зимски сон


Гумите се чувствителни на околината во која се наоѓаат, дури и кога мируваат. Просторот за складирање мора да биде ладен, сув и темен. Најголеми непријатели на гумите се високата температура, влагата, сончевата светлина и одредени хемикалии. Идеалната температура за чување е околу 15 Целзиусови степени, додека температурите над 25 степени значително го забрзуваат процесот на стареење.

Директната сончева светлина, односно УВ-зрачењето, ги разградува полимерите во гумата и предизвикува појава на ситни пукнатини. Еднакво штетен е и озонот, кој го произведуваат уреди како електромотори или компресори. Затоа чувајте ги гумите подалеку од такви извори и покријте ги со непроѕирни кеси или навлаки. Исто така, внимавајте да не дојдат во контакт со хемикалии како масла, растворувачи или бензин бидејќи испарувањата можат да ја оштетат гумата. Не ставајте ги на бетонски под, подобро е да ги поставите на парче картон или дрвена палета.

Извор: autonet
Фото: freepik