Над 100 студенти од техничките факултети од земјава и од регионот ќе учествуваат на научниот конгрес

Над 100 студенти од техничките факултети од земјава и од регионот ќе учествуваат на научниот конгрес "Science@FEEIT"

Вештачка интелигенција, машинско учење, техники за длабоко учење и други актуелни теми од областа на инженерските науки ќе бидат во фокусот на научниот конгрес "Science@FEEIT", кој ќе се одржи од 9 до 12 мај 2024 година во Скопје. Над 100 студенти од техничките факултети од земјава и од регионот се веќе пријавени на "Science@FEEIT", кој е во организација на Факултетското студентско собрание (ФСС) на Факултетот за електротехнички и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во рамките на конгресот, покрај најновите научни истражувања, дел од активностите ќе бидат посветени на зајакнување на регионалната соработка помеѓу академските заедници. Покрај тоа, на "Science@FEEIT" ќе се одржат и презентации и работилници од водечките компании во земјава, со што ќе се презентираат можностите за вработување и ќе се придонесе за поголема соработка помеѓу академската и деловната заедница. Годинава "Science@FEEIT" првпат ќе биде организиран на регионално ниво и ќе учествуваат и претставници на техничките факултети од регионот.

Водечките спонзори на "Science@FEEIT", Македонски телеком, ЕВН и Инфинеон, во рамките на конгресот, ќе имаат свои работилници на кои ќе ги презентираат новите трендови и иновации во своите индустрии, како и можностите за вработување. Поддршка на "Science@FEEIT" даде и Нетцетера, како спонзор, и малите спонзори: Цементарница УСЈЕ, Мако Сигре, Витаминка АД, Кнопперс, Тчибо кафе и Смајл гами.
Поддржувачи на конгресот се Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Инженерската институција на Македонија и Китановски & Д2ЕМ.

На конгресот на тема „Преглед на техники за длабоко учење за мрежни системи за откривање на упад“, свое излагање ќе имаат д-р Марко Порјазоски, редовен професор на ФЕИТ, и м-р Гоце Стевановски, раководител на лабораторијата за дигитална форензика и наставен соработник на Воената академија „Михајло Апостолски“ и на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. „Сијамски невронски мрежи за следење на луѓе“ е втората тема, а најновите истражувања од оваа област ќе ги презентираат проф. д-р Зоран Ивановски и м-р Елена Василева од ФЕИТ. Давор Тодоровски, магистер по комуникациски системи, воедно и архитект на решенијата на Виасат како и ФЕИТ алумни, ќе зборува на темата „Од ФЕИТ до вселената: Развивање нов хибриден комуникациски систем за ултрадоверливо поврзување“. За поврзаноста и значењето на „Науката, музиката, спортот и бизнисот како животен стил во инженерскиот свет“ ќе зборува Михаил Китановски, интернационален бизнис и менаџмент-консултант и ФЕИТ алумни.

Покрај тоа, на конференцијата на посебен панел ќе се дискутира и за исклучително актуелната тема „Етички импликации како пристрасност, приватност, безбедност и алгоритамска транспарентност во системите што користат вештачка интелигенција“. На оваа тема во рамките на панелот ќе зборуваат проф. д-р Христијан Ѓоревски од ФЕИТ, проф. д-р Ѓорѓи Мацаров од ФИНКИ, Александар Камиловски, основач и извршен директор на „Карбула“ и Мартин Поповски, Tech лидер на генеративна ВИ во Нетцетера.

"Science@FEEIT" е платформа која служи за размена на иновациите во науката, најновите истражувања во областа на техничките науки и зајакнување на партнерствата и соработката помеѓу професорите и студентите. Покрај тоа, целта на оваа платформа е и градење цврсти мостови помеѓу студентите и деловната заедница и поголемо вмрежување. Преку овие активности "Science@FEEIT" придонесува за подигнување на квалитетот на стручни знаења, но истовремено се подобрува квалитетот на кадарот на пазарот на труд. Покрај "Science@FEEIT", Факултетското студентско собрание активно работи и на организација на неколку други настани посветени на посебни сегменти од електротехничките науки, како “Tech@FEEIT” и “Applied@FEEIT”, а се работи за препознатливи научни настани со неколкугодишна традиција.


(Комерцијална објава)