Германците шефуваат од фотелја - работат од дома повеќе од сите во Европа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Германците работат од дома почесто од сите други Европејци, покажува извештајот на Институтот за економски истражувања од Минхен, спроведен меѓу вработени со високо образование во 40 земји.
Според анализата, вработените во Германија работат од дома во просек 1,6 дена неделно. За споредба, светскиот просек за лица со полно работно време што работат најмалку шест часа дневно изнесува 1,2 дена неделно.
Во Европа, единствената земја што го надминува германскиот просек е Финска, каде што вработените работат од дома по 1,7 дена неделно.
Глобално, најмногу се работи од дома во Канада - 1,9 дена неделно, а веднаш потоа е Обединетото Кралство со 1,8 дена неделно.
Во САД и Индија просекот е ист како во Германија - 1,6 дена неделно. Најмалку се работи од дома во Јужна Кореја - само 0,5 дена неделно, како и во Кина и Грција со по 0,6 дена.
Резултатите покажуваат дека во речиси сите земји процентот на работа од дома е сличен и кај мажите и кај жените.
Истражувањето беше спроведено од ноември 2024 до февруари 2025 година во 40 земји, кај испитаници на возраст од 20 до 64 години. Во Франција, Германија, Италија, Велика Британија и САД примерокот опфати над 2.500 испитаници, додека во другите земји анкетата опфати околу 1.000 лица.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik