Најмоќните пасоши во 2026 година ја откриваат суровата глобална нееднаквост: Македонија меѓу земјите со најголем напредок на листата

Најмоќните пасоши во 2026 година ја откриваат суровата глобална нееднаквост: Македонија меѓу земјите со најголем напредок на листата

Според податоците на „Хенли паспорт индекс“, кој ги рангира пасошите според бројот на дестинации во кои може да се патува без виза, на врвот на листата за 2026 година се наоѓа Сингапур. Граѓани на Сингапур можат без виза да патуваат во дури 192 дестинации. На другиот крај од листата е Авганистан, чиј пасош овозможува влез без виза во само 23 земји.

Разликата е огромна, речиси 170 дестинации. Со други зборови, некои пасоши го отвораат речиси целиот свет, додека други повеќе наликуваат на административен лавиринт.

Најмоќни пасоши: Азија води, Европа по неа

Сингапур и оваа година го држи првото место кога станува збор за глобалната мобилност. На второто место се Јапонија, Јужна Кореја и Обединетите Арапски Емирати, со пристап до 187 земји без виза.

1
Фото: Henley Passport Index

Интересно е што ОАЕ го имаат најсилниот пасош надвор од источна и југоисточна Азија, но со едно ограничување: граѓаните на оваа земја не можат без виза да влезат во САД, за разлика од државјаните на Сингапур, Јапонија и Јужна Кореја.

Европските земји остануваат меѓу најмоќните кога станува збор за слободата на движење. Норвешка и Швајцарија овозможуваат влез во 185 дестинации без виза, додека просекот на Европската Унија е околу 183 земји. Тој просек ја става Европската Унија рамо до рамо со Малезија и Обединетото Кралство, и малку пред Канада и САД.

Сепак, и во рамките на Европската Унија постојат разлики. Распонот се движи од 177 дестинации за Бугарија и Романија, до 186 за Шведска, што покажува дека ниту во рамките на единствен политички простор пасошите не се целосно изедначени.

Кога станува збор за нашата земја, македонскиот пасош е рангиран на 38. место во светот. Граѓаните на Македонија можат да патуваат без претходна виза во околу 128 дестинации (вклучувајќи безвизен влез, виза при пристигнување или електронска дозвола).

Интересно е што Македонија е наведена како една од земјите што најмногу напредувале во последните 20 години. Според индексот, земјата се искачила за 27 места на светската листа во споредба со 2006 година.

Македонскиот пасош овозможува безвизно патување во цела Шенген-зона, Турција, Јапонија, Јужна Кореја и голем дел од Латинска Америка, што значително ја олеснува туристичката и деловната мобилност.

На дното на листата се наоѓаат пасошите што овозможуваат патување без виза во помалку од 50 земји, што е далеку под можностите што ги имаат граѓаните на најразвиените држави. Овие земји често се соочуваат со политичка нестабилност, конфликти, економски проблеми или голем миграциски притисок, што доведува до построги визни режими, особено за влез во развиените држави.

2
Фото: Henley Passport Index

Пасошот како огледало на глобалната нееднаквост

Листата на најмоќни пасоши не е интересна само за туристите или љубителите на патувања. Таа јасно ги покажува и глобалните нееднаквости.

Местото на раѓање и понатаму во голема мера одредува каде можете да патувате, колку лесно можете да го промените животот или да започнете нешто ново. Граѓаните на Сингапур можат речиси спонтано да избираат дестинации ширум светот, додека луѓето од Авганистан, Сирија или Ирак често мора да минуваат низ сложени визни процедури.

Затоа пасошот не е само доказ за идентитет. Тој е и показател за меѓународната доверба, стабилноста и угледот на една држава. Во идеален свет би бил само формалност, но во реалноста често ја прави разликата помеѓу отворени врати и затворени граници.

Извор: Nova.rs | Henleyglobal.com
Фото: Magnific