Сингапур воведува телесно казнување за момчиња кои малтретираат ученици на училиште

Сингапур воведува телесно казнување за момчиња кои малтретираат ученици на училиште

Машките ученици кои малтретираат други, вклучително и преку сајбер-малтретирање, ќе бидат телесно казнувани како „крајна мерка“ според новите правила воведени во Сингапур. Машките ученици може да добијат до три удари со стап. Насоките неодамна биле разгледани во парламентот.

Меѓународни организации како УНИЦЕФ, агенцијата на Обединетите Нации за деца, се противат на употребата на телесно казнување врз деца, наведувајќи дека тоа им штети на физичкото и менталното здравје и со текот на времето ги зголемува проблемите во однесувањето.

Министерот за образование Дезмонд Ли им рекол на пратениците дека телесното казнување ќе се применува само ако сите други мерки се недоволни, имајќи ја предвид сериозноста на прекршокот.

- Се следат строги протоколи за заштита на ученикот. На пример, казнувањето мора да биде одобрено од директорот и да го спроведуваат само овластени наставници. Училиштата ќе земат предвид фактори како зрелоста на ученикот и дали казната ќе му помогне да научи од својата грешка и да ја разбере сериозноста на тоа што го направил - изјави тој.

Мерките следуваат по едногодишна анализа фокусирана на малтретирањето, а доаѓаат по неколку случаи на училишно насилство кои минатата година привлекоа големо внимание во јавноста.

Телесното казнување ќе се користи само како казна за машки ученици од повисоките одделенија во основното образование односно над 9 години, изјави Ли, посочувајќи на кривичната постапка во земјата, која забранува ваква казна за жени.

Откако ќе биде изречена казната, училиштето ќе ги следи благосостојбата и напредокот на ученикот, вклучително и обезбедување советување, додава тој.  За ученичките, пак, ќе се применуваат казни како задржување по часови и/или суспензија, намалување на оценката за поведение и други училишни мерки.

Судското телесно казнување, првпат воведено од британските колонијалисти во 19 век, и понатаму се користи во Сингапур за машки престапници помлади од 50 години. Тоа опфаќа дела како грабеж, измами или пречекорување на престојот со виза повеќе од 90 дена.

Во извештај објавен минатата година, Светската здравствена организација наведува дека телесното казнување и понатаму е алармантно распространето на глобално ниво и дека предизвикува значителна штета врз здравјето и развојот на децата.

Според СЗО, околу 1,2 милијарди деца на возраст од 0 до 18 години ширум светот секоја година се изложени на телесно казнување во домашни услови.

Извор: The Guardian
Фото: Magnific