Намирници што често ги користиме, а содржат повеќе шеќер отколку што мислиме

Намирници што често ги користиме, а содржат повеќе шеќер отколку што мислиме

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Познато е дека газираните пијалаци се богати со шеќер, само една лименка таков пијалак содржи речиси 40 грама шеќер.

Но, многу луѓе не знаат дека купувањето супа од домати може да содржи и до 20 грама шеќер, а сокот од јаболко, дури и ако е означен како незасладен, има околу 25 грама шеќер во само една чаша.

За некои намирници никогаш не би рекле дека содржат шеќери, и тоа повеќе од препорачаната дневна доза.

Готови супи


Би помислиле дека супата од продавница може да биде здрава комбинација на вода и хранлив зеленчук. Но, ако го проучите составот, ќе забележите дека само една таква супа може да содржи повеќе шеќер од препорачаната дневна доза. Ова е особено често кај крем-супата од домати, каде што шеќерот се користи за да се балансира киселоста на доматите.

1
Фото: Freepik

Немасен јогурт

Иако храната со малку маснотии може да биде примамлива за оние што се обидуваат да водат поздрав начин на живот, треба да размислите за консумирањето таква храна, особено кога станува збор за јогуртот.

Една чаша обичен јогурт има речиси пет грама шеќер, додека чаша грчки јогурт може да има од 6 до 12 грама шеќер.

Додавањето шеќер во храна со малку маснотии се користи за да се компензира загубата на вкусот и конзистентноста, а многу јогурти со малку маснотии содржат и нездрави форми на засладувачи, како што се сахароза или сируп од пченка со висока содржина на фруктоза.

Прелив за салата со помалку маснотии


Слично на јогуртот, преливите за салати кои имаат помалку маснотии и калории содржат зголемени количини шеќер.

Две лажици од омилениот прелив за салата од продавница може да содржат од 7 до 10 грама додаден шеќер. Затоа експертите препорачуваат сами да си направите прелив за салата за да бидете сигурни дека нема додадени шеќери, конзерванси или други нездрави состојки.

Кечап

Овој сос е еден од најпопуларните во целиот свет. Сепак, една лажица кечап е еквивалентна на ставање цела коцка шеќер во устата. Содржи приближно четири грама шеќер од лажичка, а повеќето комерцијални кечапи содржат и значителни количини на сируп од пченка, кој е поврзан со дебелина и срцеви заболувања.

2
Фото: Freepik

Путер од кикиритки

Путерот од кикиритки е популарен извор на протеини. Иако природните видови путер од кикиритки содржат малку шеќер или воопшто не содржат шеќер, многу комерцијални сорти се надополнуваат со нездрави масла и додадени шеќери. Некои дури можат да имаат и до осум грама шеќер во само две лажици.

Суво овошје

Сувото овошје се смета за здрав меѓуоброк. Богато е со витамини, влакна и антиоксиданси. Меѓутоа, кога плодовите се дехидрираат, содржината на вода се отстранува, оставајќи ги сите шеќери во овошјето, поради што се богати со природни шеќери.

Извор: Bright Side
Фото: Freepik