Свечено доделени наградите по објавениот конкурс за најдобар истражувачки труд и есеј од областа на осигурувањето

Свечено доделени наградите по објавениот конкурс за најдобар истражувачки труд и есеј од областа на осигурувањето

Добрата соработка на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола со деловната заедница се потврди и со денешниот настан, кој се одржа во преубавиот амбиент на црквата „Св. Софија“ во Охрид, каде што од страна на брокерското осигурително друштво СН Брокер Битола беа доделени награди за најдобрите студенти од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, кои учествуваа на повикот за избор на најдобар истражувачки труд и есеј од областа на осигурувањето.

На свечената манифестација пред наградените студенти свое обраќање имаа деканот на ФТУ, проф. д-р Цветко Андреески, продеканот за настава, проф. д-р Александар Трајков, раководителот на насоката Осигурување, проф. д-р Вера Караџова, и Марија Илкоска, претставник на СН Брокер Битола, кои воедно ги доделија и наградите.

Беше поздравена иницијативата на СН Брокер, како компанија со докажана општествена одговорност, за поддршка на научната мисла и академската заедница, промоција на значењето на осигурувањето како стопанска дејност и поддршка на работата на студентите од насоката Осигурување при ФТУ преку валоризација на нивниот труд и покажани резултати од реализираните истражувања.

СН Брокер Битола како општествено одговорна компанија, препознавајќи го квалитетот на студентите што студираат на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, обезбеди плакети и стимулативни парични награди за избраните најдобри трудови и тоа:
Наградата од 20.000 денари за истражувачки труд му беше доделена на Виктор Жупаноски, студент од 4. година, за трудот под наслов: „Дигиталната технологија како фактор за развојот на дистрибутивните канали во осигурувањето“.

Наградата од 10.000 денари за истражувачки труд му беше доделена на Фортуна Муртезаи, студент од 4. година, за трудот насловен како: „Осигурување од поплави“.
Награди за трудовите за најдобар есеј од областа на осигурувањето им беа доделени на: Емилија Тодоровска, студент од прва година, во висина од 3.000 денари; Дарко Наумоски, студент од прва година, во висина од 5.000 денари; Дијана Симуноска, студент од четврта година, во висина од 10.000 денари, а најдобриот есеј од областа на осигурувањето го направи Антонио Крстевски, студент од прва година, кој беше награден со 15.000 денари.  

Како резултат на успешно спроведената активност помеѓу СН Брокер и ФТУ Охрид, најавена е поинтензивна соработка, во интерес на студентите и во насока на промоција на финансиско-осигурителниот сектор во Македонија.

(Комерцијална објава)