Што значи исклучувањето на Охрид од УНЕСКО, младата Медисон успеа да собере доволно пари за реновирање на тоалетите во медицинското во Битола...

Што значи исклучувањето на Охрид од УНЕСКО, младата Медисон успеа да собере доволно пари за реновирање на тоалетите во медицинското во Битола...

Подготвил: С.Ѓ

Како на младата Медисон Ристевски од Австралија ѝ успеа да собере повеќе од 34.000 долари за реновирање на тоалетите во средното медицинско училиште во Битола? Што значи исклучувањето на Охрид од листата со културно наследство на УНЕСКО? Зборувавме за предизвиците на студентите на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, а разговаравме и со професорката по информатика Жаклина Прекиќ од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, која заедно со свои ученици ќе оди на важен натпревар во Њујорк. Ова се дел од темите што ги работевме неделава. Го најавивме и новиот претседател на Сојузот на математичарите на Македонија, проф.Ѓорѓи Маркоски.

Елена Наумоска, апсолвентка на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, е една од петте стипендисти на програмата „Seeds for the Future”, глобална иницијатива на „Хуавеј“ што се реализира во Кина. Станува збор за двонеделна програма во областа на информатичките и комуникациски технологии која е добро осмислена комбинација на технички предавања и тренинзи, збогатена и со можности за запознавање на културата и историјата на Кина, ни сподели Наумоска.

Елена Наумоска

На 8 и 9 јули во „Јавна соба“ во Скопје ученици, родители, наставници и професори, како и претставници на државни институции и независни експерти во четири фокус-групи ќе дискутираат за изработка на национална програма за талентирани и надарени деца. Сите заинтересирани можат да се пријави на info@fitr.mk, а информацијата е споделена и на фејсбук-страницата на Фондот.

Капацитетот на нашите деца и млади е тука, постои, огромен е, и единствено што треба е да се развива доследно и правилно да се насочи во нешто конструктивно, вели Николина Стојанова-Трајковски од секторот за спроведување образовни програмски активности при Фондот за иновации и технолошки развој. Младите во земјава се во фокусот на Фондот - развиени се повеќе програми за поддршка и развој на деца и младинци, а веќе неколку месеци се работи и на подготовка на националната програма наменета за надарени и талентирани деца.

Николина Стојанова-Трајковски

Со години наназад ниедна власт, централна или локална, ресорно министерство или Национална комисија на УНЕСКО, надлежни тела за Охрид и неговата состојба не направи ништо за неговата заштита. Се правеа тела, национални и погранични, правилници, анализи и дебати, но во пракса реално не се направи ништо. Никој не ги зеде предвид предупредувањата од редовните инспекциски надзори од телата на УНЕСКО, а камоли сериозно да се зафати со поправање на грешките. Ниту некој надлежен се охрабри гласно да каже, да алармира дека правецот во кој се менаџира Охридскиот Регион не е погрешен, туку погубен.

Единствените што успеаја да ѝ го привлечат вниманието на јавноста во последно време се активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“. Група млади луѓе, свесни и за природното и за културното богатство на Охридскиот Регион. За жал, институциите и власта ги слушнаа повиците за ЅОЅ дури пред еден месец, кога Центарот за светско наследство го објави извештајот со нацрт-одлуката и препораката Охридскиот Регион да се стави на листата со светско наследство во опасност.

фото: Стојан Стојановски

Професорот треба да умее да ги препознае квалитетите и особеностите на секој ученик и да го поттикне да ги искаже на најдобар можен начин, вели Жаклина Прекиќ, професорка во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, чии ученици веќе неколку години победуваат на натпреварите МОЅ (Microsoft Office Specialist) и ACA (Adobe Certified Associate). Во „Корчагин“ предава 15 години, иако има двојно подолг стаж. За себе вели дека е дипломиран инженер по електротехника (насока Информатика и aвтоматика), кој транзицијата во нашава земја го однела професионално во други води, образовни, зашто компјутерскиот центар каде што работела како систем-инженер престанал да постои. Во „Корчагин“ предава програмски јазици (изучување на програмскиот јазик C++), информатика и информатичка технологија.

Професорката Жаклина Прекиќ со своите талентирани ученици

Една недела се на пат големите авантуристи Џоко Шуклев од Стојаково и Ѓорѓи Николов од Гевгелија со олдтајмерот „рено 4“, а целта е да стигнат до Кина. По извозени 3.000 километри, тие се чувствуваат добро, дури велат и дека не се уморни, туку повеќе се возбудени за тоа што ги чека. Со „реното 4“ што лани стигна до Ница, двајцата другари сакаат да ја свртат цела Земјина топка. Нивната мисија почна вечерта на 29 јуни од Стојаково, а доколку сѐ тече според планираното, околу 10 август би требало да се вратат.

До Кина ги очекуваат уште околу 7.000 километри. Во Москва се одморија неколку дена, а вчера ја напуштија. Николов, кој 15-ина години е професионален возач на камион и добро го познава пределот на Источна Европа, ни изјави дека ќе им треба приближно една недела за да излезат од Руската Федерација и да стигнат до монголската граница.