Од Калифoрнија до Хаваи - за 44 дена помина 3.800 км во чамец со весла и постави нов рекорд
Речиси 1,5 месец, без ниту еден миг здив, една жена и нејзиниот чамец со должина од над шест метри се бореа против најголемиот океан на планетата. Кога конечно го здогледа брегот на Хонолулу, ја пречека вистинска експлозија од воодушевување. Стотици луѓе го извикуваа нејзиното име како да пречекуваат херој кој се враќа од бојното поле. А во суштина, токму тоа и се случи.
Келси Фендлер, по професија водич низ немилосрдните брзаци на Големиот Кањон, одлучи да предизвика нешто уште поопасно и понеизвесно од која било река. Отворениот Пацифик.
Сама, без придружба, без можност за откажување на половина пат, тргна од Калифорнија со една цел - да весла до Хаваи и со тоа да стане првата Американка што некогаш го направила тоа. Она што следуваше ги надмина и најсмелите очекувања.
Претходни рекорди
Додека претходните рекорди се мереа во месеци, 86 дена за жени, 52 дена за мажи, Фендлер ја помина целата маршрута од преку 3.800 километри за помалку од 44 дена. Тоа не е само нов женски рекорд, тоа е нов апсолутен рекорд, побрз од кој било маж што некогаш го пробал истото.
Бројките зборуваат сами за себе, но зад нив стои нешто што со бројки не може да се опише, а тоа се ноќи без сон додека ветерот ги крши брановите од чамецот, раце изгребани и со плускавци од веслање, тело исцрпено до крајна граница, а ум кој мора да остане присебен среде бесконечното синило без ниту една копнена контура на повидок.
Невидена борба
Преку видеодневниците што ги снимаше среде океанот светот можеше да насети само мал дел од она низ што минуваше.
Миговите кога гласот ѝ трепереше од емоции се менуваа со шеги за трагите од сонцето на челото и ритуалното голтање таблети кофеин за да издржи уште една ноќ веслање против струјата која ја враќа назад.
Готвеше среде брановите, правеше вода за пиење од морската, ја штитеше кожата од сонцето кое немаше милост, а сето тоа додека чамецот го лулаше водата која не знае за здив.
Порака над рекордот
Она што можеби најмногу допира во целата приказна не е брзината, ниту титулата, туку реченицата што ја изговори додека се приближуваше до копното, гледајќи го Оаху на хоризонтот.
Таа порача дека се надева оти нејзиното патување ќе ѝ даде чувство на сила барем на една личност и ги повика сите да ја пронајдат својата „голема, тешка, страшна работа“, бидејќи силата да се заврши нешто доаѓа дури тогаш кога храбро ќе се тргне, дури и без сигурност дека се има доволно сила за крајот.
Келси Фендлер не само што го собори рекордот, туку покажа дека човечката издржливост, кога е водена од волјата, е способна да го надмине и океанот.
Фото: принтскрин/јутјуб