Климата на Земјата може да излезе од контрола

Климата на Земјата може да излезе од контрола

Дури и ако човештвото го намали ослободувањето на гасови со ефект на стаклена градина, како што е предвидено со Парискиот договор, самата планета може да ги попречи човечките напори за постигнување на тоа и засекогаш да се претвори во стаклена градина, велат научници во студија објавена синоќа.

Со такво сценарио, просечната температура на Земјата би можела да биде 4 или 5 Целзиусови степени повисока отколку во прединдустрискиот период, што би било многу повисоко од предвиденото во Парискиот договор, се наведува во студијата на магазинот „Нешнл академи оф сајанс“.

Емисиите на штетни гасови веќе ја зголемија просечната температура на Земјата за еден степен, зголемувајќи ги веројатноста и интензитетот на летната жештина, сушите и невремиња проследени со бури.

Научниците опишуваат десет аспекти на „Земјиниот систем“, кои сега се неутрални или корисни, но може да бидат фатални во иднина, предизвикувајќи поголеми емисии на јаглероден диоксид и метан во атмосферата отколку сите активности на човекот заедно.

Тие вклучуваат процеси како топење на мразот, губење метански хидрати од дното на океанот, губење мраз на Арктикот и намалување на антарктичкиот мраз и поларните ледени капи.

Фото: Pixabay

Тоа се пресвртници поврзани со температурите, поради кои ослободувањето на тие гасови ќе биде неизбежно.

- Кога се постигнува критична точка, процесот на реакција е самоодржлив - се вели во студијата во која научниците изразуваат загриженост дека Земјата може да се приближи кон границата да стане стаклена градина.

Затоплување за 3 степени на крајот би можело да биде смртна казна за 40 отсто од дождовните шуми на Амазон, според студијата.

Сите овие механизми се меѓусебно поврзани, сметаат авторите на студијата, и секој може да го води другиот.

Извор: МИА