Јазиците почнале да изумираат значително порано отколку што се сметаше
Лингвистичката „златна доба“ цутела пред 1.000 до 3.000 години, кога во светот се зборувале десетици илјади јазици, открива најново истражување чиј коавтор е Клер Бауерн, лингвистичарка од Универзитетот „Јејл“.
Истражувањето ги следело тековите на глобалната јазична разновидност во текот на последните 12.000 години.
По златната доба следувал период на нагло опаѓање на јазичната разновидност, кој се совпаднал со подемот на големите држави и мултинационални империи, како што е Римската Империја, велат истражувачите.
Ова откритие го доведува во прашање општоприфатеното мислење дека масовното изумирање на јазиците почнало подоцна, пред околу 500 години, со почетокот на европската колонијална експанзија.
Јазиците на државите и империите во експанзија имале значително поголеми шанси за опстанок, додека јазиците на населението што било асимилирано, раселено или во пад, исчезнувале, заклучуваат истражувачите.
Тоа значи дека околу 7.600 јазици што се зборуваат денес или што се користат во знаковната комуникација претставуваат мал и историски пристрасен примерок од јазиците што некогаш постоеле, што има важни импликации за проучувањето на глобалните шаблони на јазикот и културата.
- Ова откритие е важно за многу од денешните загрозени јазици бидејќи политичките текови не мора нужно да се движат во една насока. Не е неизбежно загрозените јазици да изумрат - се укажува во истражувањето.
Истражувањето, објавено во списанието „Сајнс“, е резултат на долготрајна меѓународна соработка на експерти од областа на лингвистиката, демографијата и еволутивната биологија.
Извор:
021.rs
Фото: Pixabay