Судот во Ново Мексико ја казни „Мета“ со 567 милиони долари поради штетното влијание врз менталното здравје на децата

Судот во Ново Мексико ја казни „Мета“ со 567 милиони долари поради штетното влијание врз менталното здравје на децата

Судија од Ново Мексико ѝ наложи на компанијата „Мета“ да уплати 567 милиони долари во фонд за ментално здравје на децата и да воведе построги мерки за заштита на малолетните корисници на нејзините социјални мрежи.

Судијата оцени дека нејзината улога придонела за кризата со менталното здравје кај младите.

Судот во март утврди дека „Мета“ е одговорна по сите точки од обвинението во судењето за безбедноста на децата, вклучувајќи и намерно учество во нечесни, измамнички и несовесни трговски практики, и тогаш ѝ наложи да плати 375 милиони долари отштета.

Генералниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез, ја тужеше „Мета“ во 2023 година, тврдејќи дека компанијата создала погоден терен за предатори врз деца на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, што „Мета“ го негираше.

Компанијата соопшти дека не се согласува со најновата пресуда и најави жалба, истакнувајќи дека континуирано работи на заштита на корисниците и на безбедноста на тинејџерите на своите платформи.

Покрај паричната казна, судот ѝ наложи на „Мета“ во Ново Мексико да ги избрише сметките и личните податоци на корисниците помлади од 13 години, да ги исклучи известувањата („push notifications“) за малолетниците за време на училишните часови и навечер, автоматски да ги постави тинејџерските сметки во приватен режим и да ги спречи корисниците помлади од 18 години да остваруваат романтични или сексуализирани интеракции со нејзините четботови засновани на вештачка интелигенција.

Судијата Брајан Бидшајд ги спореди платформите на „Мета“ со фабрика што ја загадува животната средина, наведувајќи дека штетните ефекти од нивното делување не се задржуваат само на интернет, туку ги погодуваат семејствата, училиштата, болниците и органите за спроведување на законот.

„Мета“, заедно со други технолошки компании, се соочува со повеќе тужби од училишни области и државни обвинители поради наводното влијание на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите, безбедноста на децата и заштитата на приватноста.

Извор: 021.rs
Фото: Pixabay