Нов извештај покажува дека озонската дупка заздравува, но не се сите вести толку добри

Нов извештај покажува дека озонската дупка заздравува, но не се сите вести толку добри

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓународен договор стар три децении, чија цел е елиминирање на хемикалиите што го уништуваат озонскиот слој кој ја штити нашата планета од штетната соларна радијација, се покажа како корисен.

Благодарение на Монтреалскиот протокол од 1987 година, озонската обвивка продолжува да закрепнува, покажува Научната процена на осиромашувањето на озонскиот слој за оваа година, објавен од страна на Светската метеоролошка организација и Програмата за животна средина на Обединетите нации.

(Осиромашувањето на озонскиот слој претставува бавен процес на постојано намалување на концентрацијата на озонот во стратосферата на Земјата, во т.н. озонска обвивка, од околу 4% вкупниот волумен во текот на една деценија. Од крајот на 70-тите години намалувањето на концентрацијата на озонот во стратосферата е многу поголемо во поларните региони - овој феномен се нарекува озонска дупка.)

Тука е вклучена и „дупката“ над Антарктикот, каде што озонскиот слој е исклучително тенок, а се намалува од почетокот на овој век и се предвидува „да се излекува“ до 2060 г. Оваа година дупката се прошири околу девет милиони квадратни милји, област која е малку помала од Северна Америка.

- Генерално, ова се добри вести. Прогнозирањата за иднината се прилично позитивни сè додека вклучените страни продолжуваат да се придржуваат до Протоколот - истакна Пол Њуман, научник во НАСА.

Гасовите што го уништуваат озонот продолжуваат да се намалуваат, а тоа трае од средината на 90-тите години.

Претпоставувајќи дека нештата ќе се одвиваат како што е наведено во Протоколот од Монтреал, озонската обвивка кај северната хемисфера би требало да се врати на здравите нивоа во 2030 г., озонскиот слој над јужната хемисфера во 2050 г., а над поларните региони, каде што осиромашувањето е најголемо, во 2060 г. Според процената, редукцијата на супстанциите што го осиромашуваат озонскиот слој одвратила најмалку 7 сантиметри од идното зголемување на нивото на глобалното море.

Но, има и лоши вести. Одредени супстанции што го осиромашуваат озонскиот слој, како хлорофлуоројаглерод-11, исчезнуваат од атмосферата многу побавно од предвиденото. Две независни мрежи потврдија дека има зголемена емисија над Источна Азија уште од 2012 година, иако потеклото не е познато.

Тоа е проблематично бидејќи соединенија, меѓу кои и хлорофлуоројаглерод-11, се забранети со Протоколот од Монтреал и остануваат во атмосферата со децении. Ако некој ги ослободува денес, тие ќе продолжат да прават штета со децении.