Истражување покажа: Жените што ги поддржуваат другите жени се поуспешни

Истражување покажа: Жените што ги поддржуваат другите жени се поуспешни

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Жените што поддржуваат други жени се поуспешни, напиша Шели Залис за „Форбс“ повикувајќи се на неколку истражувања што покажале и објасниле зошто е важно жените да се држат заедно.

- Традиционално нè учеа да бидеме натпреварувачки настроени една кон друга бидејќи на врвот недостигаат работни места. А повеќе од јасно е дека оваа стратегија не функционира. Вистината е дека со меѓусебно помагање ќе се издигнеме и ќе направиме промена, а и одлично ќе се забавуваме - тврди Залис.

Таа нагласува дека е неопходно да им се стави крај на стереотипите дека жените не се поддржуваат меѓу себе.

- Истражувањата покажуваат дека жените имаат повеќе корист од соработката со другите жени отколку од натпреварувањата. Освен тоа, жените што поддржуваат други жени се многу поуспешни во работата - вели таа.

Едно од последните истражувања од „Харвард бизнис ривју“ покажува дека е поголема веројатноста жените што имаат потесен круг на женски контакти да добијат подобри позиции со посилен авторитет и повисока плата. Од друга страна, не е докажано дека кај мажите полот на познајници има некаква врска.

zeni
Фото: Getty Images


Според мислењето на жените-лидери, причината е тоа што жените кои се стремат кон лидерски позиции се соочуваат со културолошки и системски пречки поради кои потешко напредуваат. Решение за надминување на овие препреки е да се воспостават блиски врски со други жени кои имаат слични искуства и знаат како да го побараат она што им припаѓа и како да ја искористат својата единственост за да станат лидери.

Залис советува контактите да ги остварите врз основа на заеднички интереси и цели и градењето на односите да ви биде приоритет.

- Не работете со компанијата, туку со луѓе што ги познавате и им верувате. Отсекогаш на прво место го ставам времето со моите другарки. Често обврските ве спречуваат да се дружите, но гледајте секогаш да најдете време за поврзување - советува таа и акцент става на негување и градење врски со други жени.

- Навистина ја сакам „теоријата на сјај“ што се залага за помош на другите жени да се издигнат и да заблескаат. Помогнете им на другите да напредуваат. Ако гледате дека вашата соработничка одлично си ја работи работата, пофалете ја јавно, кажете му на шефот или на другите колеги. На тој начин ќе покажете дека сте тимски играч кој ги поддржува своите соработници и инспиративен лидер кој е доволно сигурен во себе за да ги пофали другите - објаснува Залис.