На денешен ден почина Блаже Конески: „Македонскиот јазик е единствената неподелена татковина“

На денешен ден почина Блаже Конески: „Македонскиот јазик е единствената неподелена татковина“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На денешен ден, во 1993 година, почина Блаже Конески, еден од доајените на македонската книжевност и своевиден татко на современиот македонскиот литературен јазик.

Конески е познат филолог, поет, универзитетски професор, академик и учесник во Антифашистичка и националноослободителна војна на македонскиот народ, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

Роден е во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. Основно образование учел во Небрегово, но по преселбата продолжил и завршил во Прилеп, каде што завршил и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, заминува за Крагуевац, каде што е стипендист. По завршувањето на гимназијата во Крагуевац се запишува на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар следи студии по филологија. По капитулацијата на Југославија, на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ продолжил да студира филологија.

Конески е еден од најзначајните протагонисти во процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик, втемелувач на македонистиката на Филолошкиот факултет во Скопје, кој денес го носи неговото име, а бил и ценет професор. Исто така, тој е еден од основачите и прв претседател на МАНУ. Автор е на 13 поетски книги, прозаист, есеист, публицист, а неговите дела се преведени на голем број јазици.

Во чест на Конески, во продолжение ви пренесуваме неколку негови мудрости и песни.



- Штом тие лево ќе фатат, јас десно да одам! А дека работите одамна тргнаа по патот на „злобата од која многумина одвај се живи“, се виде уште со уништувањето на спомениците и објектите што ги изразуваат историскиот континуитет, националниот идентитет и државноста на Македонија. Завршниот удар се прави деновиве со уништување на македонскиот јазик, како единствена неподелена татковина“.

Везилка


Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
- Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се зари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
За тебе нема ни вечерен запад,
ти - морно око на трепетна срна.
две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои - црвена и црна.
Зар не се плашиш јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
- И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеќе без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Разделба

Нам ни е дадено за ден да сакаме
и пак на разделба тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! -
а може никогаш да не се видиме.
Пат ќе ни препречат мостој соборени,
пат ќе ни препречат градој изгорени,
пат ќе ни препречи куршумот в чело.
И пак сме можеле тажни да бидиме,
и пак си велиме: не заборавај ме! –
а може никогаш да не се видиме.

Врв

Еве на врвот се искачив. Сам.
Тука не ме следи око ничие.
И што? Јас во себе пак го шепотам
Жалосниот сон на своето величие.

Починка

Есенва е мирна, просветлена сета.
Човек сака негде далеку да шета.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

Сè ќе минам кое со возбуда мами.
Има такви места каде што сме сами.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

Смирноста е мудра, страсноста е глупа.
Ќе седнам во паркот на некоја клупа.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

И долго ќе седам, со цигара во рака.
Вечерта што иде ќе ја чекам така.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.




Фото: MАНУ