Норвешка им нуди паричен надомест на земјите што ќе го забават сечењето на шумите

Норвешка им нуди паричен надомест на земјите што ќе го забават сечењето на шумите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Норвешка им гарантира паричен надомест на земјите во развој за одржување на тропските шуми. Целта е да се намалат катастрофалните загуби на дрвја низ светот и да се поттикнат големите компании да инвестираат повеќе во природата и во борбата против климатските промени.

Норвешка им нуди на земјите 10 долари за еден тон јаглероден диоксид, повеќе од претходните 5 долари што биле понудени, за да го забават уништувањето на шумите, открива Пер Фредрик Фаро, директор на Меѓународната иницијатива за клима и шуми на Норвешка.

Норвешка е најголем донатор за заштита на прашумите. Од 2008 година досега земјата потрошила до 330 милиони долари за оваа цел. По Норвешка следуваат Германија и Велика Британија.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, и покрај напорите да се намалат загубите, тропските шуми се сечат со огромна брзина. Се проценува дека се сече шума со големина на фудбалски терен на секои 6 секунди. Уништувањето на шумите е причина за околу 11% од емисиите на штетни гасови од човекот секоја година, според Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.

Користејќи ја понудата на Норвешка, земјите со тропски шуми би можеле да заработат 5.000 долари за секој хектар прашума што ќе го зачуваат. За да се квалификуваат за надоместокот, владите треба да усвојат ригорозни системи за зачувување и набљудување на шумите.

Во меѓувреме, многу компании низ светот поставија цели за намалување на емисиите на штетни гасови преку разни мерки, вклучувајќи и заштита на шумите.

Автор: Алистер Дојл
Извор: weforum.org