Како математичарите со протест против калкулаторите во 1986 година ги најавиле современите предизвици со технологијата во образованието?

Како математичарите со протест против калкулаторите во 1986 година ги најавиле современите предизвици со технологијата во образованието?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Додека модерните технологии денес се составен дел од образовните системи, борбата меѓу традиционалниот и современиот пристап во образованието започнала многу порано отколку што мислиме. Еден илустративен пример е протестот на наставниците по математика од 1986 година против воведувањето калкулатори во училиштата.

Во април 1986 година, неколку наставници по математика организирале протест пред годишниот собир на американското здружение на наставници по математика во Вашингтон.

Протестот бил одговор на препораката на здружението калкулаторот да биде вклучен во програмата по математика во сите одделенија, за часови, домашни задачи и тестови.

Организаторите на протестот, предводени од поранешен наставник и издавач на учебници, сметале дека прераната употреба на калкулатор ги намалува темелните вештини: рачното сметање и менталната аритметика.

Еден од слоганите на транспарентите гласел: „The button’s nothin’ til the brain’s trained“ што во превод значи „Копчето не значи ништо ако мозокот не е трениран.

Тие предупредувале дека калкулаторите во училниците ќе бидат кратенка што ја уништува дисциплината во учењето, односно дека учениците нема да ги совладаат основните броеви и дека нема да развијат критичко размислување при пресметување.

Од друга страна, поддржувачите на калкулаторите и современата настава тврделе дека алатка како калкулаторот има смисла дури откако детето ќе ги совлада основните вештини, и дека калкулаторот не смее да биде замена за размислување, туку помош и средство за покомплексни задачи.

kalkulator
Фото: Facebook

Протестот ја илустрирал подлабоката расправа за приспособувањето на образованието на технолошките промени. Некои сметале дека традиционалните методи како рачното сметање, табличките за множење и менталната аритметика, градат цврста основа за разбирање на математиката.

Противниците предупредувале дека калкулаторот одзема од процесот на учење: на младите би можела да им даде лажна сигурност и да го спречи развивањето на основното математичко разбирање.

Од друга страна, заговорниците тврдиле дека во свет во кој технологијата е неизбежна, калкулаторот, компјутерот, а подоцна и софтверите, учениците ќе мора да знаат како правилно да ги користат откако ќе воспостават стабилна основа.

Иако протестот не го спречил ширењето на калкулаторите во следните години (калкулаторите станале секојдневие во училиштата и на тестовите), оваа демонстрација оставила важна трага во образовната дебата. Таа покажала дека преминот кон нова технологија со себе носи ризици за темелните вештини и начинот на размислување.

Како што технологијата напредувала, способноста за користење алатки како калкулаторот станала фундаментална вештина. Прифаќањето на овие алатки ги подготвило учениците за свет што сè повеќе зависи од технологијата.

Овој настан и денес има симболична вредност и служи како историски потсетник дека напредокот во технологијата и образованието мора да оди рака под рака со грижата за темелното знаење и критичката мисла.

Денес, во време кога асистентите со вештачка интелигенција решаваат задачи и пишуваат есеи, протестот од 1986 година добива ново значење и ја отвора дебатата каде е границата меѓу потпирањето на технологијата и зачувувањето на темелните знаења што го обликуваат критичкото размислување и способноста за самостојно учење.

Извор: Klix.ba 
Фото: Facebook