Запознајте го Курасао - малиот остров со богата историја што ги освои срцата на обожавателите на фудбалот

Запознајте го Курасао - малиот остров со богата историја што ги освои срцата на обожавателите на фудбалот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Курасао, малиот остров на Карибите, го воодушеви светот со пласирањето на Светското првенство кое ќе се одржи во 2026 година во САД, Мексико и Канада. Иако досега немал големи фудбалски успеси, островот стана сензација на квалификациите, обезбедувајќи место меѓу најдобрите на планетата првпат.

Но, Курасао е многу повеќе од спортско изненадување. Станува збор за земја со богата традиција, култура и историја.

Историја на островот - крстопат на светови

Со векови Курасао било место каде што се среќавале различни народи, сили и култури. Прво го населувале Аравак Индијанците, а во 16 век го презеле Шпанците, кои поради сувата клима и недостигот на злато го сметале за „бескорисен“.

Островот добил поголемо значење дури по 1634 година, кога го освоиле Холанѓаните. Холандската управа го развила Курасао во важно трговско средиште. Во овој период островот бил клучна точка на поморските маршрути и центар на трговијата, вклучувајќи ја и трговијата со робови: мрачен дел од историјата кој денес се изучува и прикажува во музеите во главниот град Вилемстад.

Денес, Курасао функционира како автономна земја во состав на Кралството Холандија, комбинирајќи европски административен модел со карипски темперамент и културна разновидност.

1
Фото: Freepik

Единствен идентитет преку различното население

Тешко е да се издвои доминантна група меѓу жителите на Курасао, а токму во таа разновидност лежи неговиот шарм. На островот живеат околу 150.000 жители, со потекло од сите континенти. Најголем дел се потомци на африкански робови, чиј влијание се гледа во јазикот, музиката и обичаите. Присутни се и Европејци, особено Холанѓани, кои оставиле силен печат врз архитектурата и администрацијата.

Таквата комбинација на култури создала општество во кое се зборуваат три јазици: папијаменту, холандски и англиски. На улиците на Вилемстад можат да се слушнат сите три јазици во еден разговор, што мештаните го сметаат за природен дел од идентитетот на островот.

Стабилна економија 

Иако многумина го доживуваат како туристички рај, економијата на Курасао се темели на цврсти столбови. Туризмот е еден од најважните сектори, но островот развил и други силни економски сегменти.

Слободната економска зона привлекува трговски компании од целиот свет, додека финансискиот сектор, базиран на поволни даночни правила, обезбедува значителен дел од буџетските приходи. Иако економијата е мала, таа важи за една од најстабилните во регионот, делумно и благодарение на институционалната поддршка од Холандија.

Пласман на Светското првенство во 2026 година

Ова мало островче стана најмалата нација што некогаш се пласирала на Светското првенство, откако одигра нерешено со Јамајка. 

Тренер на националниот тим е Дик Адвокат, кој со неговите 78 години ќе стане најстар тренер на Светско првенство. Курасао ја обезбеди својата прва историска квалификација за 2026 година во САД, Мексико и Канада, станувајќи четврта дебитанска нација на турнирот.

Во квалификациите, тимот одигра 10 натпревари, победи во седум и заврши без пораз. Во тимот има играчи родени во Холандија, како и неколку што имаат семејни врски со Курасао.

Пласманот на Светското првенство 2026 година ќе му даде можност на Курасао да се прикаже на светската фудбалска сцена. Се очекува фудбалските успеси да привлечат многу посетители што ќе го откријат овој чудесен остров.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik