Експертите сметаат дека сме им пренеле невродивергентни однесувања на нашите миленици

Експертите сметаат дека сме им пренеле невродивергентни однесувања на нашите миленици

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Луѓето се сè посвесни за невродиверзитетот, а дијагнозите како што се аутизам и АДХД стануваат сè почести. Научниците почнуваат да обрнуваат внимание на идејата дека некои од животните, исто така, може да го доживуваат светот на различни начини поради разновидноста во начинот на кој функционира нивниот мозок.

Концептот е нов, но ова истражување може да помогне во продлабочувањето на нашите врски со нашите миленици.

Секој што живеел, дресирал или се грижел за животни е свесен колкави можат да бидат нивните разлики во карактерот. Но, дали животните навистина можат да бидат невродивергентни? Што би можело да значи ова за тоа како ќе се грижиме или ќе ги дресираме?

Невродиверзитетот е варијација во однос на тоа како луѓето се однесуваат и како функционира нивниот мозок. Ова е резултат на структурни и хемиски разлики во мозокот. Но, дијагностицирањето животни со човечки состојби може да биде проблематично. Животните не можат директно да ни кажат како го перципираат светот или да одговорат на типични дијагностички прашања. Можеме да го опишеме однесувањето на животните само преку призмата на нашето сопствено разбирање, на пример, означувајќи некои кучиња како импулсивни.

Сепак, нивната надворешна импулсивност може да биде нормално однесување за нивната раса. Истражувањата покажуваат дека низа видови, вклучувајќи кучиња, стаорци, глувци и нечовечки примати, можат да покажат генетски и бихевиорални знаци на невродивергенција. На пример, кај кучињата се пронајдени структурни разлики во гените за кои се знае дека се поврзани со хиперсоцијално однесување. Импулсивното однесување кај кучињата е исто така поврзано со ниски нивоа на невротрансмитерите серотонин и допамин. Серотонинот е важен за емоционалната стабилност, додека допаминот помага со фокусот.

Нерамнотежата и тешкотиите во регулирањето на овие невротрансмитери може да бидат поврзани и со АДХД кај луѓето и често се карактеризираат со импулсивност. 


Невродивергентни однесувања

Проблемите во однесувањето кај мачките и кучињата што им штетат на нивната благосостојба се чести. Еден труд од 2024 година, кој собрал податоци од сопствениците од над 43.000 кучиња во САД, објави дека повеќе од 99 проценти од домашните кучиња запишани во студијата имале барем еден проблем во однесувањето. Повторно, некои од пријавените проблеми со однесувањето, како што се однесувањата поврзани со разделба, стравот, вознемиреноста и опсесивното однесување, имитираат предизвици поврзани со некои форми на невродивергенција кај луѓето.


Справувањето со домашни миленици со вакви проблеми во однесувањето може да биде вознемирувачко, па дури и може да доведе до повторно сместување во засолниште за животни или евтаназија. Можеби ова би можело да се избегне доколку сопствениците подобро разбираат што се случува со миленичето.

Накратко, доказите покажуваат дека и животните можат да го доживеат и да реагираат на светот поинаку. Дел од ова се должи на природни разлики во карактерот, но исто така е веројатно дека дел од нашите домашни миленици имаат разлики во структурата и хемијата на мозокот.

Невродивергентните деца имаат корист од разбирањето на нивните специфични, а понекогаш и сложени потреби. Можеби може да се создадат пристапи за управување и обука за нашите потенцијално невродивергентни животински придружници.

Извор: sciencealert.com

Фото: Freepik