Кои европски земји најмногу користат антибиотици?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Употребата на антибиотици значително се разликува низ Европа, а во некои земји дури и се зголемува.
Здравствените експерти ги советуваат земјите од Европа да ја намалат зависноста од антибиотици бидејќи заканата од отпорност на лекови расте, но некои земји ги користат овие лекови со многу повисоки стапки од други.
Антимикробната резистенција (АМР) настанува кога патогени, како што се бактериите или вирусите, еволуираат до тој степен што можат да ги избегнат постојните лекови, што ги прави инфекциите потешки за лекување. Прекумерната употреба на антибиотици ја забрзува антимикробната резистенција, која предизвикува повеќе од 35.000 смртни случаи секоја година во Европската Унија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.
Поради тоа, Советот на ЕУ во 2023 година побара од земјите членки да ја намалат употребата на антибиотици и да обезбедат најмалку 65 отсто од користените антибиотици да бидат терапии од прва линија.
Сепак, Унијата не успеа да исполни ниту една од овие цели, предупреди Европскиот центар за превенција и контрола на болести минатиот месец.

Фото: Euronews
Низ целата ЕУ луѓето во 2024 година во просек земале 20,3 дневни дози на антибиотици на 1.000 жители. Тоа е 2 отсто повеќе од периодот пред пандемијата во 2019 година и значително над целта на ЕУ од 15,9 дневни дози до 2030 година.
Употребата на антибиотици значително се разликува и меѓу европските земји. Минатата година стапките на дневни дози се движеа од 9,8 во Холандија до 29,9 во Грција.
Причината за тоа е што е потребно време официјалните здравствени насоки да се применат во болниците, кај лекарите, во клиниките и меѓу пациентите, а некои земји се подалеку во овој процес од други, изјави Евелин Жувен Марш, која ги координира научните истражувања за отпорност на антибиотици во францускиот Национален институт за здравје и медицински истражувања.
- Спроведувањето не е исто во сите земји - вели таа.
Во многу земји овие трендови одат во погрешна насока. Од 2020 година употребата на антибиотици се зголемила во Австрија, Белгија, Хрватска, Естонија, Финска, Франција, Исланд, Латвија, Литванија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија, Словенија и Шпанија, покажуваат податоците.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти дека земјите треба да ги ажурираат дијагностичките практики за да се земе предвид прекумерната употреба на антибиотици и да се преземат повеќе чекори за превенција и контрола на инфекции.
Во меѓувреме, луѓето можат да помогнат во борбата против отпорноста на антибиотици со тоа што ќе ја користат целата пропишана терапија кога имаат инфекција наместо да ги фрлаат лековите или да ги чуваат за подоцна.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik