Перфекционизмот е погрешен начин да се избегне тагата

Перфекционизмот е погрешен начин да се избегне тагата

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во книгата „Будења“, неврологот и признат писател Оливер Сакс напишал: „Сите ние ја замислуваме идејата за друг вид лек кој ќе ни го врати изгубеното здравје. Ги поминуваме нашите животи барајќи го она што сме го изгубиле; и еден ден, можеби, одеднаш ќе го најдеме.“

Сакс се осврнувал на специфични точки од минатото кои можеме да ги наведеме како примери за носталгија. Но, неговиот коментар открива нешто подлабоко, што се однесува на опсесијата, во целина, и на перфекционизмот, конкретно. И двете често подразбираат преокупација со изгубеното минато, но со такво што суштински се разликува од сè што личи на реалноста. Додека носталгијата го романтизира минатото, таа, барем, доловува дел од него. Со перфекционизмот, копнежот е често насочен кон можностите кои можела индивидуата да ги реализира во минатото, а не за самото минато како такво.

Перфекционистите, кои се борат да ги прифатат своите ограничувања и општата неправедност во нивните животи, се обидуваат да ги трансформираат своите животи така што ќе бидат заштитени од емоционални напади во иднина. Тие се надеваат дека ќе станат доволно паметни, доволно убави и/или доволно силни за да се чувствуваат целосно безбедни и никогаш повеќе да не мора да се грижат за мислењата на другите.

Но, надежната утописка иднина често е силно поврзана со минатото бидејќи перфекционистот очајно се стреми да ги рекреира сите можности кои мислел дека ги имал, но ги пропуштил. Пациентите со опсесивно-компулсивни тенденции имаат карактеристика да се жалат за начините на кои биле измамени, или се измамиле себеси, па не го добиле она што можеле да го добијат. Понекогаш тие ги обвинуваат другите, на пример, кога зборуваат за своите родители и се чувствуваат како да се под притисок што живеат живот што им се чини туѓ. Тие можат да го истакнат кариерниот пат или дури и романтичниот партнер како точка од која нема враќање.

Колку често веруваме дека ќе завршевме училиште или ќе се принудевме себеси да направиме некои чекори во приватниот живот само ако имавме повеќе време? Колку често си велиме дека можеме да најдеме индиректни начини да ги обновиме моментите на кои сме имале право? Старите мажи може да излегуваат со многу помлади жени, надевајќи се дека ќе ги надоместат своите осамени тинејџерски години. Старите спортисти може да се обидат да го вратат времето назад со тоа што ќе се откажат од пензионирање. Неуспешните музичари кои се чувствуваат измамени од својата судбина може да продолжат да ги доставуваат своите плочи до издавачките куќи, верувајќи дека нивниот талент едноставно не бил забележан.

Ова е слика на бес, вознемиреност и, најважно, скриена тага. Третманот може да не успее кај перфекционистот затоа што единствениот баран лек, барем на почетокот, е оној што го забележал Сакс - нов живот, каде што грешките, казните, украдените можности (без разлика дали од други или од сопствени емоционални борби), неповолните околности, болните спомени, траумите од детството и непосакуваните лични особини се бришат. Сепак, целта на терапијата е да му помогне на пациентот да чекори кон иднината.

Егзистенцијалниот психотерапевт Ирвин Јалом, за да помогне во процесот на тагување, им кажал на своите најтврдоглави пациенти дека треба да се откажат од идејата за подобро минато. Тој верувал дека треба да се тагува за минатото наместо тоа да се крие, за да се изберат и негуваат можностите што ги носи сегашноста.

Перфекционистите имаат тенденција да се заробат во фантазиите за нивните потенцијални животи. Подлабокото истражување на животот на перфекционистот може да претстави таленти, врски и достигнувања кои едноставно не изгледаат „доволно добри“. Па, како некој да се откаже од надежта дека би можел да го надомести своето минато? Делумно, со наоѓање смисла, па дури и вредност во самото минато.

Спортистот може да ги цени своите успеси додека активно се занимава со спорт. Музичарот може да научи да ја цени својата упорност и повратните информации од оние што навистина ја ценат неговата креативна работа.

Но, најважно од сè, перфекционистот е предизвикан да се справи со она од што најмногу се плашел: тагата што ја симболизира неговата вродена слабост. Без разлика какви се границите, тагата може да го претставува она што не сме можеле да го направиме. Но, тагата носи и вистинска надеж, која можеби ќе ја пронајдете само ако можете да ја согледате основната сила во неа. Тагата симболизира чесност, зрелост, надеж и благодарност - таа симболизира дека ни е грижа. Тагата е емоција која е тешка да се признае и да се поднесе, но таа е вистинскиот лек, а не фантазијата за она што требало да биде.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik