Хондромалацијата на пателата, или „тркачко колено“, е предизвикана од омекнување на 'рскавицата на коленото. Честа е кај младите спортисти, но може да се јави и кај постари возрасни лица со артритис на коленото. Хондромалацијата често се смета за повреда од прекумерна употреба на коленовиот зглоб во спортот. Симптомите на тркачкото колено се: болка во коленото и чувство на крцкање, но и покрај тоа што оваа состојба е честа кај многу луѓе, тие никогаш не бараат медицински третман.
Што предизвикува хондромалација на пателата?
Вашата чашка на коленото нормално се наоѓа над предниот дел од зглобот на коленото. Кога го виткате коленото, задната страна на чашката на коленото се лизга над 'рскавицата на фемурот, или бутната коска. Тетивите и лигаментите ја прикачуваат вашата чашка на коленото за потколеницата и бутниот мускул. Кога некоја од овие компоненти не се движи правилно, може да предизвика триење на чашката на коленото. Ова абнормално триење може да доведе до влошување на чашката, што резултира со појава на хондромалација на пателата, или во народот добропознато тркачко колено.
Неправилното движење на капата на коленото може да биде резултат на:
• лошо порамнување поради конгенитална состојба;
• слаби тетиви и квадрицепси (мускулите на задниот и предниот дел од бутовите, соодветно);
• мускулна нерамнотежа помеѓу аддуктори и абдуктори (мускулите на надворешната и на внатрешната страна од бутовите);
• репетитивен стрес на зглобот на коленото, како на пример од трчање, скијање или скокање;
• директен удар или траума на чашката на коленото.
Кој е изложен на најголем ризик за појава на хондромалација на пателата?
Постојат различни фактори кои можат да го зголемат ризикот од развој на хондромалација на пателата. Тие се:
• Возраст
Адолесцентите и младите возрасни лица се изложени на висок ризик од оваа состојба. За време на наглиот раст, мускулите и коските се развиваат брзо, што може да придонесе за краткотрајни мускулни дисбаланси.
• Пол
Жените имаат поголема веројатност од мажите да развијат тркачко колено бидејќи тие обично поседуваат помалку мускулна маса од мажите. Ова може да предизвика абнормално позиционирање на коленото, како и поголем страничен притисок врз капачето на коленото.
• Рамни стапала
Рамните стапала може да предизвикаат поголем стрес врз зглобовите на коленото отколку што би предизвикале повисоките лакови на коленото.
• Претходна повреда
Претходна повреда на капачето на коленото, како што е дислокација, односно изместување, може да го зголеми ризикот од развој на тркачко колено.
• Високо ниво на активност
Ако имате високо ниво на активност или се занимавате со чести вежби кои вршат директен притисок врз зглобовите на коленото.
Кои се симптомите на хондромалација на пателата?
Хондромалацијата на пателата обично се манифестира како болка во пределот на коленото, позната како патело-феморална болка. Може да имате чувство на крцкање или пукање при свиткување или истегнување на коленото. Болката може да се влоши по седење подолг временски период или за време на активности што вршат екстремен притисок врз колената, како што е стоење подолг временски период или вежбање.
Дијагностицирање на хондромалација на пателата
Вашиот лекар ќе бара палпаторно болни регии во вашето колено.
Потоа, вашиот лекар може да побара некој од следниве дијагностички тестови за да помогне во дијагнозата и градацијата:
• рендгенски снимки за да се покаже оштетување на коските или знаци на неусогласеност или артритис;
• магнетна резонанција (МРИ) за да се види кинењето на 'рскавицата;
• артроскопски преглед, минимално инвазивна процедура, за визуализација на внатрешноста на коленото, што вклучува вметнување ендоскоп и камера во зглобот на коленото;
Опции за третман на хондромалација на пателата
Целта на третманот е да се намали притисокот врз капачето на коленото. Одмор, стабилизирање и ладење на зглобот може да биде првата линија на третман. Оштетувањето на 'рскавицата често може да се поправи со одмор.
Може да бидат препишани антиинфламаторни лекови во тек од неколку недели, како што е ибупрофен, за да се намали воспалението околу зглобот. Ако отокот, чувствителноста и болката продолжат, може да се истражат следните горенаведени опции за третман.
Физикална терапија
Физикалната терапија, фокусирана на зајакнување на квадрицепсите, тетивите, аддукторите и абдукторите, може да помогне во подобрувањето на мускулната сила и рамнотежа. Мускулната рамнотежа ќе помогне да се спречи нерамномерно позиционирање на коленото. Се препорачуваат вежби без употреба на тежина, како што се пливање или возење стационарен велосипед. Дополнително, изометриските вежби што вклучуваат затегнување и опуштање на мускулите можат да помогнат во одржувањето на мускулната маса.
Хируршка интервенција
Може да биде потребна артроскопска операција за преглед во зглобот и утврдување дали има нерамномерно позиционирање на коленото. Оваа операција вклучува вметнување камера во зглобот преку мали засеци, односно портали. Други хируршки опции може да вклучуваат измазнување на задниот дел од капачето на коленото, имплантирање на 'рскавичен графт или преместување на местото на вметнување на бутниот мускул.
Совети за спречување хондромалација на пателата
Можете да го намалите ризикот од развој на оваа состојба со следење на овие препораки:
• Избегнувајте репетитивен стрес;
• Создајте мускулна рамнотежа со зајакнување на вашите квадрицепси, тетиви, абдуктори и аддуктори;
• Носете влошки кои ги коригираат рамните стапала, со зголемување на вашиот лак. Ова може да го намали притисокот врз колената;
• Конечно, прекумерната телесна тежина може да ги оптовари вашите колена. Одржувањето здрава телесна тежина може да помогне во намалувањето на притисокот врз колената и другите зглобови. Можете да преземете чекори за губење на тежината со намалување на внесот на шеќер и масти, јадење многу зеленчук, овошје и интегрални житарки и вежбање најмалку 30 минути на ден, три до пет пати неделно.
Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија