Замрзнато во времето - англиско село кое жителите го напуштиле пред 82 години, а денес се отвора само 12 дена годишно

Замрзнато во времето - англиско село кое жителите го напуштиле пред 82 години, а денес се отвора само 12 дена годишно

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Селото Имбер во англискиот округ Вилтшир претставува своевидна временска капсула. Било напуштено пред 82 години и претворено во воена зона, како дел од подготовките на сојузниците за истоварувањето во Нормандија за време на Втората светска војна.

И денес стои празно, препуштено на природата, а за љубопитните посетители е отворено само 12 дена во годината.

Црквата и пабот се сведоци на историјата

Пред 82 години околу 150 жители биле принудени да ги напуштат своите домови, со ветување дека ќе можат да се вратат по завршувањето на војната.


Но, тоа никогаш не се случило. Селото останало во сопственост на британското Министерство за одбрана, а јавноста има пристап само во строго ограничен период. Поголемиот дел од оригиналните куќи биле уништени, додека заштитената црква и стариот паб останале како неми сведоци на минатите времиња.

Преостанатите објекти, кои постоеле во 40-тите години, биле уништени поради оштетувања настанати за време на воени вежби.

Обука и за украински војници

И денес селото и околната територија имаат важна улога. Местото било користено и за обука на украински војници. Во краткиот период кога е отворено за јавноста, посетителите можат да ја почувствуваат историјата на местото, опкружени со урнатини, предупредувачки знаци и други траги од воените активности.

 

Чуварот на селото, 77-годишниот Нил Скелтон, вели дека црквата секоја година привлекува голем број посетители. Влезот е бесплатен, но се прифаќаат донации.


Сите собрани средства одат за одржување и обнова преку организацијата „Чрчес конзервејшн траст“.

Погреби во црковниот двор


- Имаме многу посетители. Минатото лето околу 4.000, а за време на празниците и до 3.000. Историјата ги привлекува луѓето. Понекогаш во црквата има толку гости што не можете ни да мрднете. Ова место има голема историска вредност, а природата е исклучително богата - вели Скелтон.

Иако во селото одамна нема живи жители, поранешните жители и нивните семејства сè уште имаат право да бидат погребани во црковниот двор.

- Кога нема никој, селото е прекрасно и мирно. Често шетам и уживам. Областа за воена обука е огромна - додава чуварот.

Извор: Avaz.ba

Фото: Instagram