Културата зовре! Нема елементарна логика во делењето на колачот!

Културата зовре! Нема елементарна логика во делењето на колачот!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Дупло дно“, „хорор“, „очај“, се дел од коментарите на актери, режисери, издавачи, директори на институции по објавената Годишна програма за култура

Културната јавност врие од негативни реакции по објавената Годишна програма за култура, достапна од утрово. Незадоволни издавачи, писатели, раководители на театри, уметници реагираат на социјалните мрежи, а најавуваат и дека официјално ќе реагираат до ресорното министерство.
Врвни фестивали, на пр., Скопскиот џез-фестивал воопшто го нема во одобрените проекти.

Во драмската дејност, програмата вели дека театри со повеќе од шестдецениска традиција добија смешни буџети од 500.000 денари за да направат претстава (на пример, за „Арапска ноќ“ на Велешкиот театар и „Телефонот на мртовецот“ во Куманово), додека за новиот театар кој ја има својата прва сезона, Гостиварскиот, најевтиниот проект ќе чини 1.350.000 денари.
Најскап проект, според прифатените од Министерството, ќе биде „Палачи“ од Мартин Мекдона, на Македонскиот народен театар, што ќе ја работи еден од најдобрите бугарски режисери - Јавор Грдев. За овој проект најголемиот театар во земјава доби 4 милиони денари.

6.400.000 денари ќе добие Албанскиот театар за да направи претстави годинава, а во овој буџет не е вклучена и претставата што ќе се работи за отворање на новата зграда. 5 милиони денари има Тетовскиот, Гостиварскиот ќе има 4.700.000 денари, додека театрите во Струмица и во Штип имаат по 2.450.000 денари, Велес – 2 милиона, Охрид – 1.600.000 денари.


Иван Јерчиќ, директор на Битолскиот театар

Само четири професионални театри во земјава продуцираат претстави на албански јазик, додека на македонски имаме 10 национални театри, објаснуваат од Министерството.
- Со оглед на ограничениот буџет се добива соодветната распределба на средствата во согласност со бројот на институциите чии програми ги поддржува Министерството за култура. Напоменуваме дека годинава е пообемен буџетот на Албанскиот театар зашто ќе се одржи гала-отворање на реновираниот објект, како што е случајот и со Гостиварскиот театар, каде што буџетот во овој меѓупериод до неговата доекипираност е зголемен поради ангажирањето на поголем број надворешни соработници, и кој ќе продуцира соодветна продукција за свеченото започнување со работа – велат од Министерството.

Иако во програмата стои дека трите претстави на Гостиварскиот театар ќе бидат на албански јазик, од Министерството објаснуваат дека една ќе биде и на македонски.
- Со оглед на тоа дека театарот е млада институција (отворена на 30 октомври 2018), годинава ќе се работи на негово дооформување, во останатите сегменти, како што се адекватно просторно решение, кадровска доекипираност, техничко дооформување. Репертоарната политика и програмскиот профил на Театарот секако ќе бидат во насока на задоволување на потребите на градот Гостивар и на сите негови жители. Интенција е да има претстави и на македонски и на албански јазик, во рамките на кадровските можности, а со цел привлекување што поширока публика од градот. Во овој нов театар се предвидуваат и мешани изведби на актери од различни националности.
Во Тетовскиот театар има вработено македонски актери и традиционално се поддржуваат по една премиера на македонски и една на албански јазик, објаснуваат од Министерството. Во програмата и за овој театар стои дека сите премиери се на албански јазик.
- Институцијата е отворена за соработка со уметници од сите националности, што може да се види низ репертоарот во изминатите години - објаснуваат од Министерството.

Директорот на Битолскиот театар, Иван Јерчиќ, не е задоволен од програмата. Вели дека и покрај најавеното зголемување на средствата за финансирање проекти или културни активности, видливо е скратување кај речиси сите театри, од најмалку 10 до 30 отсто од лани.

-Тоа што е најсимптоматично е апсолутно нелогичното делење на средствата за проектите, споредено помеѓу две институции, или ако сакате дури и во една институција. Не може една институција да добива повеќе или еднакво средства за проект кој го режира вработен режисер како и театар кој кани режисер од странство, па дури и од Македонија. Овде никако не сакам да навлегувам во квалитетот, иако и за тоа сум подготвен да дискутирам, но во самото делење на колачот нема елементарна логика - вели Јерчиќ.
Од Македонскиот народен театар реагираат дека во програмата не добиле средства за материјални трошоци, кои се особено важни за одржување на големата зграда.

Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-или“ е револтиран што им е одобрен само еден единствен наслов да го објават поради техничка грешка во аплицирањето, кое е новина годинава. Тие ќе се жалат до Министерството и се надеваат дека ситуацијата ќе биде надмината. Оваа издавачка куќа е меѓу најревносните објавувачи на македонски автори.

- Секоја апликација требало да се стави во еден плик, па во друг плик и така да се достави. Ние ги доставивме сите книги во проѕирни папки, ни ги примија во Министерството и не ни кажаа дека има проблем. Можеа барем да ни се обратат да ја коригираме грешката. Комисијата ни ги одобрила насловите, но правната служба се спротивставила. Навистина сметам дека треба да се поеднoстави оваа процедура. Овој тендерски начин на конкурирање е сосема несоодветен, непотребен и треба да се укине. Во Годишната програма издавачите не конкурираат за исти книги кои се предмет на тендерот, па да се оценува кој за тие книги нуди најдобри услови, или најниска цена, како што е вообичаено кај нас. Овде се работи за издавачки програми, уредувачки профили, градени со години, кој успешно, кој помалку успешно, кој препознатливо и доследно. Не убивајте ја душата на издаваштвото и творештвото! - вели Стевовиќ.



Во шок се и во „Скопје танцов театар“, единствената независна компанија за современ танц во земјава. Намалена е и поддршката за меѓународниот фестивал „Танц-фест“.
Филип Петковски, докторанд по културолошки студии и изведбени уметности, се жали и во делот на фолклорната дејност.
- Националниот ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ доби 150.000 денари за поставување нова кореографија, додека на новоформираниот Национален ансамбл за албански ора и песни му се доделени 800.000 денари за една кореографија. Би сакал да потенцирам дека во Македонија не постојат формално-образовани фолклорни кореографи, така што процесот на креирање кореографско дело им е препуштен на поединци кои многу често се некомпетентни за ваква дејност - посочува Петковски.