Третман за рак дава необична нуспојава - ноќен вид

Третман за рак дава необична нуспојава - ноќен вид

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Постојат различни пристапи во лекувањето на карциномот, а особено е интересна фотодинамичната терапија што се користи за неутрализација на малигните клетки. Сепак, таа има една многу необична нуспојава - подобар вид во мрак. Иако причината за оваа појава до неодамна беше непозната, експертите сега успеаја да сфатат зошто се случува тоа.

Излегува дека родопсинот, фотопигмент кој ја впива светлината што се одбива од предметите кои ги набљудуваме, стапува во интеракција со соединението наречено хлорин е6, кое е клучна компонента на овој вид лекување на карциномот. Видливата светлина придонесува за разделување на ретиналот, органско соединение кое се наоѓа во окото и не е чувствително на инфрацрвената светлина од родопсинот. Овој процес се претвора во електричен сигнал, кој потоа е обработен од страна на нашиот мозок.

Инаку, родопсинот или видниот пурпур е пигмент кој се наоѓа во клетките на мрежницата. Многу е чувствителен на светлина, па е одговорен за ноќен вид.

Револуционерно молекуларно откритие

Хемичарите од францускиот Универзитет во Лорена тврдат дека овој хемиски процес е заслужен за подобар ноќен вид на пациентите, но дека сè уште не се сигурни како точно доаѓа до реакции меѓу овие соединенија. Нивниот тим на експерти дошол до овие сознанија служејќи се со молекуларна симулација за да се изимитира движењето на атомите и остварувањето на хемиските врски на споменатите соединенија.

Симулацијата се правела неколку месеци, но самата хемиска реакција по природен пат се одвивала за една наносекунда. Кога соединението хлорин е6 ја впива инфрацрвената светлина, тоа стапува во интеракција со кислородот во очното ткиво, што дополнително придонесува за неутрализација на канцерогените клетки и го подобрува видот во ноќни услови, покажала симулацијата.

Откритие со голем научен потенцијал


Сега кога научниците го открија хемиското потекло на оваа нуспојава, можеби ќе успеат и да го ограничат нејзиниот ефект кај идните пациенти што се лекуваат со фотодинамична терапија. Имено, некои пациенти претходно велеле дека гледаат силуети во мракот.

Откривањето на оваа хемиска реакција би можело да биде клучно за смислување соодветни начини на лекување на одредени видови слепило и чувствителност на очите на светлина, но никако не се препорачува самостојно применување на хлоринот е6 за да се добие некаков натчовечки ноќен вид.