Убавината и милоста на детските очи ми се инспирација да го започнам секој работен ден, вели Татјана Грегова - воспитувач на годината

Убавината и милоста на детските очи ми се инспирација да го започнам секој работен ден, вели Татјана Грегова - воспитувач на годината

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Воспитувањето на децата е како шах, секогаш треба добро да размислиме кој потег ќе го направиме зашто претшколската возраст е темел на животот, вели Грегова

Дали има нешто поубаво и помило од дете! Јас не сум запознала некој што не сака деца! Дали некој се почувствувал непријатно кога мало дете ги испружува рачињата за да биде во нечија прегратка и колку само убавина и милост има во тие детските очи! Тоа е една од причините да ја изберам оваа професија. Со ваква љубов започнува секој мој работен ден, вели Татјана Грегова, дипломиран учител и воспитувач, вработена во детската градинка „Мајски цвет“ во Битола. Сојузот на просветни работници на Македонија и Министерството за образование ѝ доделија признание и плакета за просветен работник за предучилишно образование за 2022 година со особени резултати во воспитно-образовната работа и други активности поврзани за предучилишното образование, како и за вонредни ангажирања и придонес за унапредување на работното место. Грегова 17. година безрезервно се вложува во воспитно-едукативниот процес на дечињата во ЈОУДГ „Мајски цвет“, а годинава води група од 27 деца од 5 до 6 години, наречени „детелинки“.


Татјана Грегова

По спортска повреда, наместо наставник по физичко, одлучила да стане воспитувач

Ниту има родители просветни работници ниту таа посетувала градинка во детството. Образованието ѝ започнало во забавиште во училиштето „Кирил и Методиј“. Има многу убави спомени со учителката Љубица Кузмановска и соучениците, ги помни сите 30 и е во пријателска комуникација со нив. Поради спортска повреда како професионален спортист, не била во можност да стане наставник по спорт, па избрала воспитание и образование на деца. Од денешна перспектива, убедена е дека ја избрала вистинската професија.

- Работата ја извршувам со многу љубов и посветеност, ја доживувам како задоволство, а не како напор и обврска дека нешто мора да се работи во животот - вели Грегова.



Занималната ѝ е втор дом, а групата - семејство

Со „детелинките“ секојдневно реализираат разновидни активности, корисни за децата. Редовно се маскираат за Денот на шегата, цела Битола ја памети нивната групна маска „Муви“. Иако се мали, под нејзино менторство, а во соработка со приватниот бизнис, дечињата правеа јуфки, а за Василица сукаа мазничиња.

- Нашата занимална ни е втор дом, а целата група се труди да функционира како едно големо семејство. Воспитувањето на децата е како шах, секогаш треба добро да размислиме кој потег ќе го направиме, а притоа да бидеме свесни за добрите страни и ризици од секој избран потег. Во воспитувањето применувам техники, стратегии и методи за поттикнување на социо-емоционалниот развој на детето. Го пофалувам секој вложен напор. Се радувам на секој нивен успех и поттикнувам зајакнување на самодовербата, радоста, сигурноста и задоволство од престојот во градинка - додава таа.



Во образовниот дел применува игровни активности за учење според индивидуалниот развој, возраста, интересите, желбите, можностите на децата, по принципот на еднаквост.

Мешање на ингеренциите во претшколскиот систем

На прашањето колку е значаен претшколскиот период за понатамошен развој на децата, се повикува на изјавата на консултативна група на УНЕСКО за рана грижа и развој на децата од 1993 година: „Кога ќе почнете да градите куќа, неопходно е да поставите темели кои ќе ја држат. Успешното натамошно образование на детето во голем степен зависи од темелите што се поставени во предучилишниот период“.

Смета дека раното учење и развојот на децата во многу земји во светот се национален приоритет.


- Квалитетот во потсистемот на предучилишното воспитание и образование во Македонија не е на задоволително ниво поради поделеноста на ингеренциите меѓу три министерства - за труд и социјална политика, образование и здравство. Ваквата поделеност често води кон мешање на ингеренциите и префрлање на одговорноста, а тоа резултира со намалување на квалитетот на раното учење и развојот на децата. Поради тоа, итно треба да се донесе закон за предучилишно воспитание и образование - вели Грегова.

Таа додава дека сите деца треба да имаат еднакви права. Секое дете заслужува да се поттикнува неговиот развој од страна на професионалци во предучилишна установа доколку неговиот родител/старател смета дека тоа е добро и корисно за неговото дете.

- За жал, ние во Македонија не им ја даваме таа можност на сите деца. Во последните години бројот на деца што посетуваат градинки е зголемен, но не поради зголемениот наталитет, туку поради потреба на родителите децата да им бидат згрижени, како и поради согледувањето на резултатите кои ги постигнуваат децата што посетувале градинка, колку им е полесно понатаму во училиште - вели воспитувачката на годината.

Повеќе градинки и навремено пополнување на празните места


Следејќи ги најновите светски истражувања во последните 10 години, додава дека професијата воспитувач, во која ги вбројува и негувателките, е една од најодговорните и најстресни професии. Но, жалосно е колку малку во последно време се цени и вреднува.



- Секој чест на оние што признаваат и искажуваат благодарност за грижата, љубовта, негата. За квалитетен воспитно-образовен процес во градинките, треба да се почитуваат стандардите за бројот на децата во групата пропишани со законот, просторот за престој, како и колку деца од групата се со тешкотии во развојот - вели Грегова.

Според неа, потребно е постојано вложување во современи дидактички материјали, средства, ресурси. Предлага секоја општина да направи истражување на терен за да увиди какви се потребите на родителите за згрижување на децата и да се работи на изградба на нови објекти, пренамена на постојните зашто има голем број неискористени државни објекти. Да се отвори можност за јавно-приватно партнерство за отворање нови градинки или центри за ран детски развој (нешто слично како со приватните лекари).



- Има општини во државава во кои предучилишните установи имаа листа со огромен број на деца кои чекаат прием во градинка. Треба да се планира редовно и континуирано вработување на нов кадар откако некој ќе замине во пензија или кога ќе се ослободи работно место од други причини бидејќи во оваа работа не може да се чека - вели Грегова.

Фото: приватна архива