„Епл“ развива нов универзален далечински управувач

„Епл“ развива нов универзален далечински управувач

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Епл“ развива нов уред кој би можел да функционира како универзален далечински управувач, дозволувајќи им на корисниците да контролираат широк опсег на електронски уреди или да ги подобрат можностите на „ајфон“.

Компанијата истражува технологија што ќе им овозможи на корисниците да контролираат различни уреди - од телевизори и паметни домашни уреди до возила и конзоли за игри - со едноставни движења на уредот. Овој уред може да биде „ајфон“ или „ајпад“.

Иако контролирањето уреди со „ајфон“ не е ништо ново, имајќи предвид дека „Епл“ веќе нуди слични функции, како што се апликација за далечински управувач на „Епл ТВ“ и „Епл кар ки“ за отклучување и палење автомобил, сегашните методи бараат од корисниците рачно да го изберат уредот што сакаат да го контролираат.

„Епл“ тврди дека таквиот процес може да доведе до фрустрирачки интеракции со корисниците, што може да го наруши корисничкото искуство.

Новиот безжичен систем за контрола би овозможил уред како „ајфон“ автоматски да препознае кога корисникот сака да контролира одреден уред и да идентификува за кој уред станува збор.

Ова препознавање може да се заснова на фактори како што се близината, ориентацијата и потенцијалните команди засновани на гестови.

На пример, корисникот повеќе нема да има потреба да отвора или отклучува уред за безжична комуникација (на пр., со внесување лозинка или биометриски идентификатор, како што е отпечаток од прст).

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik