Ново истражување го доведува во прашање ефектот на забраната за мобилни телефони во училиштата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Забраната за користење мобилни телефони во училиштата не е поврзана со подобрување на академските резултати или менталната благосостојба на учениците, покажува првото истражување од ваков вид.
Според истражувањето, забраната во училиштата нема значајно влијание врз сонот на учениците, нивното однесување во училницата, физичката активност или вкупното време поминато на телефон во споредба со училиштата каде што нема забрана. Сепак, истражувачите откриле дека подолгото користење паметни телефони и социјални мрежи е поврзано со влошени резултати во сите овие аспекти.
Ова е првото истражување во светот што ги испитува правилата за користење телефони во училиштата заедно со здравствените и образовните параметри на учениците. Таа ја надополнува контроверзната дебата која во последниве години се води и во училиштата и во домовите.
Забраната сама по себе не е доволна
Д-р Викторија Гудиер, водечкиот автор на истражувањето, вели дека резултатите не се „против“ забраната, но дека таа сама по себе не е доволна за справување со негативните последици од прекумерното користење на телефоните.
- Фокусот треба да биде на намалување на времето поминато на телефон, а не само на забрана во училиштата - вели Гудиер.
Истражувањето, спроведено од Универзитетот во Бирмингем и објавено во научното списание „Лансет“, споредило 1.227 ученици од 30 различни средни училишта и нивните правила за користење паметни телефони за време на одморите и паузите.
Што покажуваат податоците?
Истражувачите откриле дека училиштата што ја ограничуваат употребата на телефони не постигнале значајни подобрувања во однос на здравјето, благосостојбата или фокусираноста на учениците на часовите. Но, истражувањето открило директна врска помеѓу зголеменото време поминато на телефон и послабата ментална благосостојба, намалената физичка активност, полошиот сон, послабите оценки и подисциплинираното однесување на учениците.
Во анализата биле користени признати меѓународни мерки за ментална благосостојба, како што е Ворвик-Единбург скалата за ментално здравје. Покрај тоа, одделенските наставници биле замолени да ги оценат учениците според нивното академско постигнување по предметите англиски јазик и математика.
Џо Рајри, директор на кампањата „Детство без паметни телефони“, вели дека резултатите од истражувањето се изненадувачки бидејќи многу наставници известиле за позитивни ефекти од забраната во нивните училишта.

Фото: Freepik
Тој нагласува дека просечното време што учениците го поминуваат на телефон (помеѓу четири и шест часа дневно) е застрашувачки долг период за скролање.
Некои училишта со строги правила за користење мобилни телефони сведочат за позитивни промени. Чарли, ученик во шесто одделение од едно училиште во Лондон, вели дека забраната го натерала да разговара и да се дружи со своите пријатели.
Во други училишта, пак, дозволата за користење телефони под одредени услови се покажала како ефикасен модел. Колин Креан, директор на Католичко училиште во Бирмингем, вели дека има „морална обврска“ да ги научи учениците како безбедно и одговорно да ги користат своите уреди.
- Ако им го скратиме пристапот до технологијата во училиштата, а тоа е толку важен дел од нивниот живот, се поставуваме во битка што нема да ја добиеме - вели Креан.
Некои ученици велат дека по забраната на телефоните се соочиле со помалку булинг и подобра социјална интеракција, иако тие фактори не биле опфатени во истражувањето на Универзитетот во Бирмингем.
Истражувачите велат дека е потребно подлабоко истражување за да се утврди долгорочниот ефект на забраните за мобилни телефони врз учениците.
Во меѓувреме, останува предизвикот како да се намали времето што децата го поминуваат на мобилни телефони, без да се создаде дополнителен товар за училиштата и родителите.
Извор:
ВВС
Фото: Freepik