Ова е најбрзиот, највисокиот и најдолгиот „воз на смртта“ во светот - само оние со добро здравје смеат да се возат на него

Ова е најбрзиот, највисокиот и најдолгиот „воз на смртта“ во светот - само оние со добро здравје смеат да се возат на него

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

На последниот ден од 2025 година во Саудиска Арабија беше отворен тематскиот парк – „Сикс флегс Кидиџа сити“. Тоа е првиот тематски парк од франшизата „Сикс флегс“ што е дизајниран и изграден надвор од Северна Америка. Се наоѓа во планината Туваик во Кидиџа, која се етаблира како футуристичка дестинација за забава, спорт и култура во близина на Ријад во Саудиска Арабија.

Тематскиот парк вклучува 28 возења и атракции, од кои најзначаен е возот на смртта наречен „Фалконс флајт“ или „Соколов лет“. Се нарекува најдолгиот, најбрзиот и највисокиот воз на смртта во светот.

За време на возењето се достигнува максимална брзина од 250 километри на час и висина од 195 метри. Пругата од 4.325 метри, од друга страна, може да се помине за само три минути.

„Нереално искуство“, вака го опишуваат оние што го пробале ова возење.

Возот на смртта е дизајниран за луѓе високи помеѓу 130 и 196 сантиметри кои се во добра здравствена состојба и немаат никакви срцеви проблеми, здравствени проблеми со 'рбетот и вратот, ниту склоност кон вртоглавица. Возењето не се препорачува за бремени жени, а малолетниците треба да бидат во придружба на возрасен.

Во паркот можете да го пробате и „Ајрон Ратлер“ - највисокиот навалувачки воз на смртта, и „Спитфаер“ - највисокиот превртен воз на смртта, како и атракциите што се наменети за помлади деца.

Цените на билетите се движат од 275 саудиски ријали за деца над четири години, или 62 евра, до 325 саудиски ријали за возрасни, или околу 74 евра. Децата под четири години имаат бесплатен влез.

Со билетот имате пристап до сите атракции без ограничувања, вклучувајќи го и најбрзиот воз на смртта во светот.

Погледнете какво е чувството да се возите со „Фалконс флајт“ во видеото на „Јутјуб“ од каналот „Атракции 360°“, кое го имаат видено повеќе од 2 милиони луѓе.

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: YouTube screenshot