Перцепцијата на изложеност на лажни вести расте во Европа: Кои земји се најпогодени?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Перцепцијата на изложеност на дезинформации и лажни вести во Европската Унија е зголемена за 8 процентни поени од 2022 година наваму. Експертите тврдат дека медиумската писменост и проверката на факти се клучни за сузбивање на овој тренд.
Дезинформациите и лажните вести станаа едно од обележјата на современото информирање. Подемот на социјалните мрежи дополнително го забрза нивното ширење.
Перцепцијата на изложеност на дезинформации и лажни вести расте низ цела Европа, покажува истражување на Евробарометар,
Колку се изложени Европејците?
Во 2025 година повеќе од една третина од испитаниците во ЕУ (36 отсто) изјавиле дека во последните седум дена биле „често“ или „многу често“ изложени на дезинформации и лажни вести. За споредба, во 2022 година тој удел изнесувал 28 отсто. Само 12 отсто од испитаниците навеле дека се сигурни во својата способност да препознаат дезинформации.
Самоперцепција, но не и реална изложеност
Важно е да се нагласи дека истражувањето ја мери перципираната изложеност на дезинформации, а не потврдени случаи.
Испитаниците пријавувале содржини за кои сметале дека се лажни вести, но истражувањето не вршело проверка на факти, ниту утврдувало дали таа содржина навистина била неточна.
Големи разлики меѓу земјите
Кога ќе се обединат одговорите „многу често“ и „често“, перципираната изложеност на дезинформации и лажни вести се движи од 26 отсто во Финска и Германија до 57 отсто во Унгарија.
Повеќе од половина од испитаниците имаат таква перцепција и во Романија (55 отсто) и Шпанија (52 отсто). Уделот е над 40 отсто во Бугарија (48 отсто), Луксембург (45 отсто), Малта (45 отсто), Грција (43 отсто), Кипар (42 отсто) и Ирска (42 отсто).
На долниот дел од листата, освен Финска и Германија (по 26 отсто), удел од 30 отсто или помал е забележан во Чешка (29 отсто), Шведска (30 отсто), Литванија (30 отсто) и Франција (30 отсто). Холандија, Латвија и Белгија исто така се блиску до тоа ниво, со нешто помалку од една третина од испитаниците.
Жителите на Источна и Јужна Европа почесто пријавуваат поголема изложеност на дезинформации, додека оние во Северна и Западна Европа најчесто наведуваат пониска изложеност.
Високо вкупно ниво на перципирана изложеност
Сепак, овој образец не е ист насекаде: земји како Луксембург и Ирска бележат релативно висока изложеност, додека Чешка, Италија и Португалија пријавуваат пониски нивоа отколку што би се очекувало со оглед на нивниот регион.
Во ЕУ само 7 отсто од испитаниците изјавиле дека „никогаш“ не биле изложени на дезинформации и лажни вести, додека 16 отсто навеле дека „ретко“ биле изложени. Заедно, тоа претставува помалку од една четвртина од испитаниците (23 отсто).
Забележливо е и дека уделот на оние што одговориле „не знам“ е релативно висок - 10 отсто на ниво на ЕУ.
Раст забележан во 22 земји на ЕУ
Во споредба со истражувањето од 2022 година, уделот на испитаници во ЕУ кои изјавиле дека се „многу често“ или „често“ изложени на дезинформации и лажни вести пораснал за 8 процентни поени. Тој удел се зголемил во 22 земји на ЕУ, а се намалил во четири.
Најголем пораст е забележан во Данска и Холандија - по 19 процентни поени. Следуваат Луксембург (18), Малта (17), Шведска (14) и Шпанија (13).
Дали луѓето можат да препознаат дезинформации?
Нешто повеќе од шест од десет испитаници (62 отсто) тврдат дека се сигурни во препознавањето дезинформации кога ќе се соочат со нив. Тоа вклучува 12 отсто кои се „многу сигурни“ и 49 отсто кои се „делумно сигурни“. Наспроти тоа, околу една третина од испитаниците (32 отсто) велат дека не се сигурни.
Нивото на самодоверба се движи од 49 отсто во Полска до 84 отсто во Малта.
Не постои силна поврзаност меѓу перципираната изложеност на дезинформации и сигурноста во нивното препознавање.
Медиумска писменост и проверка на факти
Објаснувањето на овие перцепции е предизвик бидејќи тие не мора да се усогласени со реалните способности на испитаниците или со вистинските размери на проблемот, изјави Конрад Блајер-Симон, истражувачки соработник во Центарот за плурализам и слобода на медиумите.
- Квалитетот и опфатот на медиумската писменост и активностите за проверка на факти во одделни земји може да играат улога, но и одредени психолошки фактори - причините поради кои луѓето ги потценуваат или преценуваат сопствените способности и нивото на изложеност - вели Конрад, кој истакна дека влијанието на дезинформациите е поголемо во општества со високо ниво на поларизација, економски нееднаквости, послаби резултати на образовниот систем (видливи во ПИСА-резултатите), ниска доверба во институциите и во земји каде што политичарите прибегнуваат кон конфронтациска и популистичка комуникација.
- Општествата се поотпорни на дезинформации ако имаат силни и независни јавни медиумски сервиси, ефикасна саморегулација на приватните медиуми, висока доверба во вестите и население кое повеќе се информира преку медиуми отколку преку социјални мрежи - заклучи тој.
Извор:
N1info.hr
Фото: Freepik