Сакате месец дена бесплатен одмор во Грција? Ова е условот што треба да го исполните
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако сакате мачки, ова е идеална можност за вас. Грчкиот остров Сирос бара волонтери во засолниште за мачки во замена за бесплатен престој.
Избраните кандидати ќе треба да се обврзат на пет часа работа дневно, пет дена во неделата, грижејќи се за мачките, а за возврат ќе добијат бесплатно сместување, платени режиски трошоци и појадок.
Задачите на волонтерите во засолништето на островот Сирос вклучуваат чистење, хранење, социјализација на млади спасени мачки и „галење мачиња“.
Засолништето „Сирос кетс“ постои уште од 90-тите години и се смета за еден од пионерите на денешното развиено движење за заштита на животните на островот. Засолништето бара физички подготвени, зрели, здрави и самостојни лица кои се подготвени да останат најмалку еден месец и да помогнат во работата.
Основната мисија на засолништето е контрола на популацијата на улични мачки преку програмата за хумана стерилизација, следење на нивната здравствена состојба, обезбедување ветеринарна грижа кога е потребно и редовно хранење.
Благодарение на работата на организациите „Сирос кетс“ и „Годс литл пипл кет рескју“, односот меѓу мачките и локалното население се променил од непријателски во однос на меѓусебна почит, а островот денес гордо ја прифаќа популацијата на мачките како симбол на идентитет.
Светски симбол на грижа за животните
- Сакаме да му покажеме на светот дека животните се важни. Начинот на кој се однесуваме кон нив одразува дел од нашата хуманост - вели Ричард Буел, коосновач на второто засолниште.
Пријавите за претстојната летна сезона веќе се затворени, но ако сакате да се вклучите во 2027 година, процесот на аплицирање повторно ќе биде отворен наесен. Следете ја официјалната веб-страница на организацијата „Сирос кетс“ или пријавете се на нивниот билтен.
Островот Сирос стана светски симбол на грижа за животните и е дом на две реномирани засолништа за мачки.
Иако многу грчки острови се познати по живописните популации на улични мачки, Сирос се издвојува по организираната и неуморна работа на овие две организации.
Извор:
n1info.hr
Фото:
Instagram