Се капеме кај комшии или кај другари по станови кога нема топла вода, се жалат станари од два студентски дома

Се капеме кај комшии или кај другари по станови кога нема топла вода, се жалат станари од два студентски дома

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Јас ги охрабрувам студентите што се соочуваат со проблеми да се обратат кај раководството во домот „Пелагонија“, порачува директорот Агим Фејзулаху. Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом - Скопје, вели дека е запознаен со проблемот во „Гоце Делчев“ и дека се решава

Топла вода е нешто што го немаат секој ден станарите што живеат во студентскиот дом „Пелагонија“. Некои од нив, кои се обратија во нашата редакција, велат дека иако е зима и топлата вода е неопходност, сепак, до неа немаат пристап постојано, па поради тоа, принудени се да одржуваат лична хигиена надвор од домот.

- Топла вода имаме само во викенди. Февруари помина, еве март сме, но немаме топла вода од петокот наваму. Постојано се менува ситуацијата, има, па нема. Мислам дека не би требало да се занимаваме со проблеми од ваков тип, ова е нешто што не треба да постои како проблем во домовите. Лани живеев во студентскиот дом „Стив Наумов“, со истово се расправавме. Моравме да одиме од една зграда до друга за да се искапеме. Еве сега морам да одам кај другарки кои се сместени во станови за да се искапам. Срам ми е - вели станарка во „Пелагонија“.



Овој студентски дом не е под капата на Државниот студентски дом - Скопје. Агим Фејзулаху, директорот на „Пелагонија“, кој е на оваа функција од пред неколку дена, вели дека точно е дека има проблем во женскиот дел на домот, но дека таму нема сместено студенти во моментов.

- Можно е да се случува да нема еден час или два часа кога топлата вода ќе се потроши, но во принцип вода има во машкиот дел каде што живеат станарите. Јас ги охрабрувам студентите што се соочуваат со проблеми да се обратат кај раководството во домот - вели Фејзулаху.

Инаку, проблем со немање пристап до топла вода во зимските месеци имаат и некои од станарите во домот „Гоце Делчев“.

- Кај нас се случи проблем, половина кат немаме топла вода. Веќе три дена се качувам на 13 кат за да се бањам. Одговорот од надлежните беше дека додека не се реши, ќе мора да се капеме на друго место - вели станар во овој дом.



Виктор Велевски, директор на Државниот студентски дом - Скопје, вели дека е запознаен со проблемот во „Гоце Делчев“.

- Сменивме три пумпи, уште една пумпа денеска ќе ја наместат. Топла вода таму има, но нема на сите катови затоа што пумпите што ја туркаат водата откажаа и денеска ќе бидат заменети - уверува Велевски.