Докажано е дека гледањето на серијата „Пријатели“ има позитивен ефект врз менталното здравје. Зошто мозокот ја сака?

Докажано е дека гледањето на серијата „Пријатели“ има позитивен ефект врз менталното здравје. Зошто мозокот ја сака?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Постојат серии што ги гледаме еднаш и ги забораваме, а има и такви на кои се навраќаме со години, во моменти на стрес, замор или емоционално преоптоварување. Оваа посебна категорија е составена од комфорт-серии, а серијата „Пријатели“ се издвојува речиси без конкуренција. Не станува збор само за носталгија. Психологијата и невронауката имаат многу конкретно објаснување зошто оваа серија има позитивен ефект врз менталното здравје.

Зошто мозокот ја сака серијата „Пријатели“?

Според објаснувањата на клиничкиот психолог Марк Хекстер, во моменти на вознемиреност нашиот мозок бара предвидливост. Анксиозноста и хроничниот стрес активираат центри во мозокот кои постојано скенираат закани и неизвесност. Кога гледаме серија чиј тек веќе го знаеме - ликовите, динамиката на врската и емоционалниот расплет - мозокот добива сигнал за безбедност. Во серијата „Пријатели“ проблемите се мали, секојдневни и решливи. Се јавуваат конфликти, но речиси секогаш завршуваат со поправка на врските, хумор и чувство на заедништво. Овој повторувачки модел има смирувачки ефект бидејќи испраќа јасна порака до нашиот нервен систем: „Сè ќе биде во ред“.

Повторувачка структура како средство за ублажување на стресот

За разлика од напнатите драми или новата содржина што бара целосно внимание, „Пријатели“ има ритам што не е изненадувачки. Токму ова повторување, кое често го потценуваме, игра клучна улога во намалувањето на психолошката тензија. Истата логика важи и за други слични ситкоми, како што е „Бубалици“, која исто така нуди позната структура, емоционална топлина и хумор без никаков реален ризик. Мозокот не мора да се подготвува за непријатни исходи, што ги намалува нивоата на хормонот на стрес- кортизол.

Емоционална безбедност и бегство од реалноста


 

Гледањето на серијата „Пријатели“ функционира како форма на безбедно бегство. Вистинските проблеми не се игнорираат, туку симболично се мапираат во едноставни ситуации што се решаваат во рок од 20 минути. Ликовите прават грешки, се сомневаат во себе, раскинуваат врски, имаат кариерни кризи и несигурности, но никогаш не се сами. За гледачите, ова може да создаде чувство на емоционална поврзаност и припадност, дури и кога ја гледаат серијата сами. Истражувањата покажуваат дека таквата парасоцијална поврзаност може да ги ублажи чувствата на осаменост и да ја подобри емоционалната регулација.


Дали прекумерното гледање на „Пријатели“ е грижа за себе?

 

Иако често се перципира како непродуктивно губење време, повторното гледање на омилената серија може да има многу реална терапевтска вредност. Во време кога ни недостига контрола, познатата содржина го враќа чувството на стабилност. Нема когнитивен напор, нема емоционален шок, само удобна, позната рутина. Секако, „Пријатели“ не е замена за терапија, но може да биде вредна алатка за секојдневно управување со стресот, особено кога се комбинира со други форми на грижа за менталното здравје. Суштината е едноставна: ако некоја епизода ве смири по стресен ден, тоа не е случајност!

Извор: miss7.24sata.hr

Фото: Instagram screenshot