Како да стареете добро, според античките лекари
Исто како и во современиот свет, луѓето во античко време сакале да знаат како да живеат долг и здрав живот. Грците и Римјаните слушале фантастични приказни за далечни народи кои живееле многу подолго од 100 години.
Грчкиот есеист Луцијан (околу 120-180 н.е.) пишува:
- Навистина, постојат дури и цели народи кои се многу долговечни, како Серите (Кинезите), за кои се вели дека живеат 300 години: некои ја припишуваат својата старост на климата, други на почвата, а трети на нивната исхрана, бидејќи велат дека целиот овој народ пие само вода. Се вели дека луѓето од Атос, пак, живеат и 130 години, а се вели дека Халдејците живеат повеќе од 100 години, користејќи јачменов леб за да ја зачуваат острината на видот.
Каква и да е вистината на овие приказни, многу антички Грци и Римјани сакале долг и здрав живот. Сметале дека тоа може да се постигне на следниот начин:
Перспектива на еден антички лекар
Античките лекари биле заинтересирани што правеле секој ден луѓето што живееле долг живот. Грчкиот лекар Гален (129-216 н.е.), на пример, дискутирал за двајца луѓе што лично ги познавал, а кои доживеале длабока старост.
Прво, зборува за еден граматичар (некој што студирал и предавал граматика) по име Телеф, кој доживеал речиси 100 години. Според Гален, Телеф јадел само три пати на ден. Неговата исхрана била едноставна: „Варена чорба со вода измешана со суров мед од најдобар квалитет, и само тоа му било доволно за првиот оброк. Тој, исто така, ручал во седмиот час или малку порано, прво јадејќи зеленчук, а потоа пробувајќи риба или птици. Навечер јадел само леб, натопен во вино“.
Гален кажува и дека Телеф имал некои навики за капење што можеби ни изгледаат необични денес. Телеф претпочитал да се масира со маслиново масло секој ден и да се бања само неколку пати месечно:
-Имал навика да се капе двапати месечно во зима и четири пати месечно во лето. Во сезоните помеѓу се капел три пати месечно.
Второ, имало еден стар доктор по име Антиох, кој живеел до своите 80-ти години. Според Гален, Антиох исто така имал едноставна диета. Наутро Антиох обично јадел препечен леб со мед. Потоа, за време на ручек, јадел риба, но обично само риба „од оние од длабокото море“. За вечера јадел или каша со оксимел [мешавина од оцет и мед] или птица со едноставен сос.
Покрај тоа, Антиох одел на прошетка секое утро. Исто така, сакал да се вози во кочија или неговите робови го носеле на стол низ градот. Гален, исто така, рекол дека Антиох ги изведувал вежбите кои биле соодветни за старец:
- Постои едно нешто што треба да го прават старите луѓе рано наутро како вежба: по масажата со масло, да шетаат и да изведуваат пасивни вежби без да се заморат, земајќи ја предвид сопствената способност.
Гален заклучува дека рутината на Антиох придонела за неговото добро здравје во длабока старост.

Гален нагласува дека Телеф и Антиох имале некои заеднички работи. Тие јаделе само неколку пати на ден, нивната исхрана се состоела од диво месо, интегрални житарки, леб и мед и биле активни секој ден.
Што можете да направите?
Не сите можат да живеат до 100 или повеќе години, како што знаеле и Грците и Римјаните. Сепак, Луцијан нуди утеха во својот есеј за осумдесетгодишниците:
- На секоја почва и во секоја клима, луѓето кои се придржуваат кон правилното вежбање и исхраната што е најсоодветна за здравјето биле долговечни.
Луцијан советувал дека треба да го имитираме начинот на живот на луѓето што живееле долг и здрав живот ако сакаме да го доживееме истото.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik