Кинезите се како пуштени од синџир, експерти предупредуваат на трет бран од заразата

Кинезите се како пуштени од синџир, експерти предупредуваат на трет бран од заразата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

И покрај тоа што епидемијата на коронавирусот во Кина попушта, предупредувањата на медицинските експерти сѐ уште се во сила. Тие сметаат дека крајот на кризата сѐ уште не се гледа, а Кина, иако значително помалку, и понатаму има и заразени и починати.

Празничен викенд во Кина

Меѓутоа, тоа не ги запре луѓето празничниот викенд да го поминат собирајќи се на познатите излетнички места и во големите градови во Кина. Патем, викендов во Кина се одржа Ќингминг фестивалот.

Фотографиите од многу луѓе собрани на едно место во парк на планината Хуангшан предизвикаа загриженост во целиот свет. Иако многумина имаат маски на лицето, во ова популарно туристичко место имало и до 20.000 лица викендот. Сепак, таму веќе нема да се примаат посетители, пренесуваат кинеските медиуми.

Во меѓувреме, во Шангај, познатите водопади Бунд повторно беа преполни со туристи откако со недели беше празно. Многу градски ресторани, кои беа затворени до пред неколку дена, исто така беа полни, а за резервација требало да се мисли со денови однапред.

Слично сценарио имаше и во главниот град Пекинг. Граѓаните масовно ги посетуваа парковите и отворените простори.

Наглото враќање на очигледната нормална состојба доаѓа по нешто повеќе од три месеци откако вирусот првпат беше откриен во кинескиот град Вухан.

Иако владата полека ги ублажува ограничувањата поради стивнувањето на епидемијата, кинеските здравствени експерти ја повикаа јавноста да продолжи да ги почитува мерките.

- Кина не е пред крај на епидемијата, само влезе во нова фаза. Со епидемија што беснее во светот, Кина не е на крајот - истакна главниот епидемиолог од кинескиот Центар за контрола и превенција на болести, Ѕенг Гуанг.


Трет бран?

Загриженоста дали Кина прерано ги олабавува ограничувањата на активностите поради коронавирусот ги наведе здравствените експерти и власта да предупредуваат на можноста за „трет бран“.

- Во Хонгконг би можеле да имаме трет бран на случаи кои доаѓаат од копното по вториот бран. Епидемијата сѐ уште е сериозна. Во оваа фаза сѐ уште не сме оптимисти. Она што најмногу ме загрижува е неадекватното тестирање на пациентите со благи симптоми, што нѐ спречува да го прекинеме синџирот - истакна епидемиологот Јуен Квок-јанг.

Сепак, во текот на последните недели имаше знаци дека владата е внимателна со отворањето на активностите поради предизвикувањето втор бран инфекции во земјата. На пример, плановите за отворање на киносалите беа откажани кон крајот на март, а голем број туристички атракции во Шангај беа отворени само десет дена пред повторно да се затворат на 31 март.

Извор: BizLife
Насловна фотографија: Twitter