МОН првпат обезбеди учебник по предметот Јазик и култура на Ромите за шесто одделение

МОН првпат обезбеди учебник по предметот Јазик и култура на Ромите за шесто одделение

Министерство за образование и наука (МОН) направи значаен исчекор во унапредување на образованието на ромската заедница, обезбедувајќи учебник по изборниот предмет Јазик и култура на Ромите за 6. одделение.

Оваа новина доаѓа по спроведената постапка согласно објавеното известување на МОН, како и по измените во Законот за учебници во основното и средното образование („Службен весник на РСМ“, бр. 3 од 3.1.2025 година), со кои се интервенираше во членовите 10 и 15. Со овие измени се создадоа услови за проширување на наставните материјали и за повисоките одделенија.

Во минатото, учениците од ромската заедница имаа на располагање учебници по овој предмет само од 3. до 5. одделение, што претставуваше ограничување во континуитетот на изучување на сопствениот јазик и култура. Со новиот учебник за 6. Одделение, чиј автор е Даниел Петровски, првпат се обезбедува надградба на наставниот процес. Информираме и дека во тек е постапка за изработка на учебник за 7. одделение.

Паралелно со ова, МОН донесе и нов подзаконски акт, Правилник за начинот на формирање групи помали од 15 ученици од исто одделение, со цел да се овозможи изучување на јазикот и културата на заедниците и во случаи кога бројот на ученици е помал. Правилникот е донесен врз основа на член 53 став (9) од Законот за основното образование.

Според податоците, изборниот предмет Јазик и култура на Ромите во моментов го изучуваат над 2.300 ученици Роми, распределени во 13 основни училишта во 7 општини низ државата.

Министерството за образование и наука го честита 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите и изразува уверување дека интензивно ќе продолжат да се имплементираат политиките за унапредување на образовната еднаквост, зачувување на културниот идентитет и зголемување на пристапот до квалитетно образование за учениците од ромската заедница.