Дали може да се разболите од провев? Еве што велат експертите

Дали може да се разболите од провев? Еве што велат експертите

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои луѓе мислат дека се чувствителни на провев, но дали е точно тоа? Лекарите велат дека не може да се разболиме од провев, туку од вируси. Меѓутоа, тие додаваат и дека изложеноста на провев влијае врз нашиот организам така што на нашата кожа и под неа се одвиваат процеси кои може да предизвикаат течење на носот или вкочанетост на вратот.

Провевот е поврзан со таканаречениот индекс на ладење, односно со субјективното чувство на ветровитото време на кожата. Кога брзината на ветрот е поголема, чувството на температурата е пониско.

- Кога температурата е - 5 Целзиусови степени, а вие сте некаде надвор и не дува ветар, вашето тело загрева тенок слој од воздухот блиску до кожата - објаснил германскиот оториноларинголог Томас Дајтмер.


Фото: Freepik

Тој тенок слој ве изолира од студот, но студениот ветар ја растерува оваа топлина. Колку посилно дува ветерот, толку побргу телото ја губи топлината и почнувате да чувствувате студ. Овој ефект се зголемува ако кожата ви е мокра бидејќи воздухот кој струи влијае врз брзината на испарување на влагата и така побрзо ја намалува топлината од телото.

Кога има провев, односно кога телото се лади на ладен воздух, крвните садови се стеснуваат, намалувајќи го протокот на крв за да го намалат губењето на топлина од топлата крв. Тоа може да влијае врз слузницата во носот и во грлото. Провевот ги суши, ја ослабува нивната имунолошка одбрана и ве прави почувствителни на вирусите, појаснува Дајтмер.

Меѓутоа, доколку сте здрави, нема да се разболите само затоа што сте биле изложени на провев.

Докторот Михаел Дег споменува уште една можна последица од провевот, а тоа е вкочанетост на вратот, особено по топло време.


Фото: Freepik

- Ако ви е топло и седите пред вентилатор или блиску до клима-уред, или ако отворите прозорец додека патувате со автомобил, воздухот кој дува преку вашата топла и неретко испотена кожа во некои случаи може да резултира со напнатост во подрачјето на вратот - според Дег.

Тој додава дека телото со својата температура секогаш настојува да им приспособи на условите во околината, а проблемот со слабиот провев е во тоа што разликата во температурата е мала и терморецепторите не ја детектираат. Така кожата се лади, но телото не реагира доволно брзо, што може да ги стесни крвните садови во пределот на вратот и да доведе до напнатост на мускулите.

За да се одбегнат овие последици, вклучувајте вентилатор само накратко и не седете многу блиску до него. Додека возите, подобро е да не отворате прозорец, особено доколку сте испотени, а клима-уредот не треба да дува директно во вас. Експертите, сепак, препорачуваат проветрување кога надвор е ладно за да влезе свеж воздух.

Извор: CDM