Кога најдобро се живеело?

Кога најдобро се живеело?

Подготвил: Маја Пероска

Да не живеевте во 21 век, кога и каде би живееле? Живеењето во 21 век има многу предности, но има и заборавени периоди од историјата кои биле полни со мир, брз културен развој и просперитет.

Некои луѓе ја избираат својата омилена историска ера врз основа на нивната личност, но кое било навистина најдоброто време за живеење? И дали погодностите на едно минато време, можат да ве убедат да влезете во временската машина?

Секако, тешко е да се дефинира кој историски период бил најдобар, но читателите на „ranker.com“, сметаат дека оние кои живееле во следните периоди не поминале лошо...

Ветена Америка

Во годините по Втората светска војна, САД доживеале невиден економски раст. Одеднаш, Американците можеле да си дозволат луксуз што некогаш се сметал за „висока класа“. Работниците во фабриките купувале телевизори, автомобили и свои домови, а имале и повисоки плати, повеќе слободно време и 40-часовна работна недела, што станала и норма. Повеќето Американци уживале и во платен одмор.

На почетокот на Втората светска војна имало осум големи приградски трговски центри во САД, но до 1960 година имало 3.840. Сепак, не профитирале сите дури и во тој период, па многу малцинства сепак останале маргинализирани.

Чудесната Атина

Во Атина сите мажи имале еднакви права и слободи, без разлика на богатството, степенот на образование или класата.

Како машки граѓанин на Атина, би можеле да се најдете во јавна бања меѓу таткото на медицината и таткото на филозофијата, а таткото на историјата би се нашол позади вас, за да го заземе вашето место кога ќе завршите.

Слободата и мирот во Атина во античкото време, привлекле заедница на научници, вклучувајќи ги Аристотел, Платон и Хипократ, чии идеи станаа камен-темелник на западната цивилизација. Во градот процветале театарот, литературата, архитектурата и уметноста. И храната не била лоша – редовната исхрана вклучувала овошје, сирење и леб натопен во вино.

Атињаните пиеле вино со сите оброци, а тоа бил втор најчест пијалок после водата. Од друга страна, во Атина во тоа време имало робови, а положбата на жената била лоша - тие не можеле да се школуваат и од нив се очекувало да се грижат за домаќинството.

Италијанска ренесанса

Едно од најдобрите времиња во историјата за да се биде жив е родено од трагедија. Откако чумата збришала повеќе од една третина од населението во Европа, Италија доживеала економска, културна и уметничка преродба позната како ренесанса. Бидејќи толку многу луѓе умреле од чума, работниците можеле да бараат пофер третман и повисоки плати.

Економијата закрепнала, а тоа овозможило развој на уметноста и културата. Богатите банкари и трговци во италијанските градови-држави станале покровители на уметници, писатели, архитекти и научници. На пример, семејството Медичи од Фиренца ги спонзорирало Микеланџело, Рафаело, Донатело, Леонардо да Винчи и Галилео, дозволувајќи им да се фокусираат на научни откритија и уметност.

Сепак, останале многу лоши работи - иако условите биле малку подобрени, просечниот човек во ренесансната Италија сè уште бил селанец и едвај преживувал. Политичката моќ останала концентрирана меѓу богатите трговци и трговските еснафи, а робовите и лошата положба на жените останале дел од секојдневниот живот.

Антички Египет

Антички Египет бил далеку пред своето време во науката, технологијата, архитектурата и медицината. Археолозите и историчарите веруваат дека дури и обичните луѓе имале пристап до образование, медицинска нега, спорт и други рекреативни активности.

Тие, исто така, имале пристап до технологии кои можеби ни звучат познати, како што се моливи, лекови за депресија и други ментални болести, паста за заби, друштвени игри и шминка.

Египет бил исто така, одлично место да се биде жена, бидејќи жените и мажите се сметале за еднакви. Жените изградиле кариери како свештеници, писатели и лекари.

Но, другата страна на паричката покажува како луксузниот египетски начин на живот го овозможил ропскиот труд. Египетските робови обично биле или криминалци, или луѓе заробени во битка. Тие добиле мала наклонетост од Египќаните, кои верувале дека општествената класа е предодредена.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik