За една година речиси двојно зголемен бројот на милијардери во светот на криптовалутите

За една година речиси двојно зголемен бројот на милијардери во светот на криптовалутите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во последните 12 месеци вкупната вредност на пазарот на криптовалути е зголемена за 170 отсто, односно сега има околу 1,6 трилиони долари повеќе отколку во овој период минатата година. Како резултат на ваквиот развој на настаните и порастот на цените на речиси сите водечки криптовалути, од биткоин до помали алткоини, зголемен е и бројот на милијардери од криптосветот, пишуваат од „Форбс“.

Според нивното традиционално рангирање на милијардери, сега има 17 луѓе во светот кои своето богатство, поголемо од милијарда долари, го должат на криптовалути. Минатата година ги имаше само девет. Моментално нивното вкупно богатство се проценува на 93 милијарди долари (минатата година беше 37 милијарди).

Најбогатите ќе одат в затвор


Трета година по ред основачот и поранешен извршен директор на криптоберзата „Бајненс“, Чангпенг ЦЗ Жао, е најбогатиот човек во светот на криптовалутите. Моментално е „тежок“ околу 32,5 милијарди долари, но тоа нема да му помогне пред законот. Имено, пред неколку дена судот во Вашингтон го осуди на 4 месеци затвор поради пропусти во бизнисот на „Бајненс“, поради што компанијата немала ефикасен систем за спречување перење пари. Тој се изјаснил за виновен во ноември, се повлекол од лидерската позиција на компанијата, но сепак ќе мора да оди в затвор за своите грешки.

Брајан Армстронг, коосновачот на „Коинбејс“, е на второто место на листата со најбогати криптомилијардери, со проценето богатство од 11,2 милијарди долари. По него следуваат Џанкарло Девасини од „Тетер“ со 9,2 милијарди долари и Мајкл Сејлор („Микростратеџи“, 4,4 милијарди долари), а Паоло Ардоино („Тетер“, 3,9 милијарди долари) ги заклучува првите топ-5.

До 10. место се уште и Жан-Луис ван дер Велде („Тетер“, 3,9 милијарди долари), Крис Ларсен („Рипл“, 3,2 милијарди долари), Фред Ерсам („Коинбејс“, 3,2 милијарди долари), Метју Розак (инвеститор, „Блок“, 3,1 милијарди долари) и Џед Мекејлеб („Мт. Гокс“, „Рипл“, 2,9 милијарди долари).

Извор: bug.hr

Фото: Freepik