Живеат во Македонија, учат во Косово: 40 деца секој ден со пасош во школо

Живеат во Македонија, учат во Косово: 40 деца секој ден со пасош во школо

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу сакаме да имаме училиштe, да не одиме пеш и преку граница. Зимно време ни е многу покомплицирано, има денови и кога има снег и не е проодно, велат деца од пограничното село што учат во косовското с. Генерал Јанковиќ




Учебници, тетратки, прибор, ужина – сето ова секојдневно му е потребно на секој ученик. Но, 40-ина деца од селото Долно Блаце во ранчето мора да стават и пасош. Зошто? Тие секој ден ја преминуваат границата за да стигнат до своето училиште.
Денес и за нив е последен училиштен ден. И оваа учебна година децата од пограничното село ќе ја завршат со свидетелство од Република Косово. Иако живеат во Македонија, повеќе од три децении децата од ова село не учат во својата родна држава, ами во училиштето „Иљаз Тачи“ сместено во с. Генерал Јанковиќ.

Бараме во ЕУ, а немаме школо


Некои одат пеш, други родителите ги превезуваат со автомобил, трети земаат и такси после границата... Училиште во нивното село немаат, најблиското село на македонска територија е Горно Блаце, кое е оддалечено околу 4,5 км од Долно Блаце. Кога има снег, условите за патување помеѓу двете села се речиси невозможни, велат жителите.
Во селото немаат ниту автобуски превоз што би ги поврзал со Скопје, а се оддалечени помалку од 20 км.

- Срамота е за една држава да одат децата на школо во друга држава. Ние како држава бараме да влеземе во Европска Унија, да влеземе во НАТО, а немаме училиште – вели Зељкиф Барди, советник во Општината Чучер Сандево, каде што спаѓа Долно Блаце.
Со децении ни ветуваат дека ќе добиеме училиште, тоа пред секои избори ни го кажуваат, ама сите само нè лажат, велат родители на основците.
- Многу сакаме да имаме училиште во нашето село, да не одиме толку пеш и преку граница. Зимно време ни е многу покомплицирано, има денови и кога има снег и не е проодно – велат децата.



На прашањето дали постои маркица за изградба на училиште во селото, од Општината ни одговорија:
- Во постапка е донесување локална урбанистичка планска документација за изградба на школо.
Од Долно Блаце до училиштето возрасен човек може да стигне за 15-ина минути, но децата одат побавно и им треба повеќе време.
- Тоа не се повеќе од 1,5 до 2км, но зошто да учат во странска држава? Горно Блаце е поголемо село. Таму школото е реновирано. Пеш не можат децата да одат по шуми меѓу двете села. Има околу 4,5 км помеѓу двете. На Косово им е поблиску. Во селото немаме ништо, освен патот и струја, немаме училиште, автобус, вода, основни работи. Сите мои седум деца завршија училиште во Косово – вели Барди.


Зимe е поопасно

Родителите објаснуваат дека во косовското училиште децата се добро прифатени и немаат никаков проблем да ги запишат.

- Зимно време, затоа што се стемнува порано, ги чекаме на граница. Се плашиме. Така не треба да се прави. На училиште треба да се оди со мерак, а не секој ден да се мислиме како ќе биде. Ги мислиме децата, да не ги удри автомобил, влегуваат во друга држава. Страв ни е да не им се случи нешто. Кога е топло и змии се појавуваат, а и диви кучиња – вели татко на две деца.
Во селото со околу 20 куќи во просек секоја година има по 40-ина ученици. Дел од луѓето мигрираат, работат повремено во странство, а дел се иселени.
- Со години го зборуваме истото. Луѓе се иселуваат во странство - немаме основни работи - автобус, школо...? Па можеше државата наместо два споменика, да изгради едно школо. За овој проблем само се зборува. При избори повеќе се зборува, ама кога ќе поминат, никој ништо не презема – вели жител на селото.
И познатиот фудбалер Енис Барди (22), македонски репрезентативец и голгетер на шпански „Леванте“, е роден во ова село и учел во Косовo. Деновиве и тој е во посета на родниот крај.


- Во селово сме како во зоолошка градина, опколени со жица. Во странство, меѓузонските села се најјака инвестиција – велат жителите на селото.
Децата од селото не знаат да зборуваат македонски јазик оти не го учат на училиште (иако е задолжителен од четврто одделение).
- Јас сакам моето дете да го знае македонскиот јазик. Ние живееме во оваа земја, зошто да не го знаат децата јазикот? Ќе пораснат, ќе дојде време за средно школо. Планирам летово да најдам некој наставник да го учи македонски. Кога би добиле школо, би имале и наставник по македонски. Зошто да не сакаме? Планирам да го пуштам да научи македонски летово – вели татко на две деца.
После основно, дел од учениците продолжуваат во средно школо или во Скопје или во косовскиот град Качаник.
Законот за основно образование е прецизен. Членот 2 вели:
„Секое дете има право на основно образование. Се забранува дискриминација по основа на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварување на правата од основното воспитание и образование“.

Зељкиф Барди, советник во Општината Чучер Сандево: Со години бараме да ни изградат училиште

Проблеми и со државјанството

Еден од големите проблеми со кои се соочуваат жители од ова село е и државјанството. Луѓе чекаат со децении за да го добијат.
- Мојата мајка 65 години живее во селово и сè уште нема државјанство – вели советникот Барди.
Иако го чека своето трето дете, Косовка омажена десет години во селово исто така не може да го добие македонското државјанство.
- Бараме државјанство за неа, но никако да добиеме. Во Европа ни даваат документи, овде живееме со години, а немаме државјанство. Постојано ни бараат нови документи – вели нејзиниот сопруг.

Фото: Радован Вујовиќ