Зошто повторно се разгледува улогата на лабораторијата во Вухан во појавувањето на коронавирусот?

Зошто повторно се разгледува улогата на лабораторијата во Вухан во појавувањето на коронавирусот?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Се појавија повеќе хипотези за објаснување на појавувањето на коронавирусот што ја предизвикува болеста ковид-19, но досега ниту една не беше докажана. Една од најсилните хипотези што го објаснуваат појавувањето на коронавирусот е пренесувањето од животно на човек, пишува Бенуа Барбо, професор на Универзитетот на Квебек, Монтреал.

Како што вели тој, идејата дека коронавирусот бил пуштен од лабораторија на Институтот за вирологија во Вухан се појави на почетокот од пандемијата, а оваа можност повторно стана тема на дискусија неодамна. Во лабораторијата се спроведуваат истражувања кои се поврзани со вируси, односно кои имаат цел да создадат нови вируси кои полесно се пренесуваат на луѓето. Ова се прави со создавање вирус во животински или човечки клетки.


Фото: Pixabay

Целта на овие истражувања е да се идентификуваат специфичните промени во геномот што се одговорни за пренесување на вирусите за подобро да се предвидат идни пандемии и да се помогне во развивањето на вакцини и третмани.

Меѓутоа, Барбо пишува дека во едно слично истражување во минатата деценија бил создаден грип од видот Х5Н1 што може да се пренесува преку воздухот. Затоа, ваквите истражувања мора да се спроведуваат во лаборатории со силно обезбедување и во кои ќе се спречи заразување на вработените и на истражувачите, но и нема да се случи бегање на микроорганизми.

Лошата вест е тоа што документи од американската амбасада во Кина покажале дека стандардите во лабораторијата во Вухан не биле доволно строги, а повеќе истражувачи тврделе дека истражувањата за коронавируси на лилјаци што се спроведуваат во лабораторијата се ризични и би биле штетни за луѓето доколку избегаат. Затоа, хипотезата за испуштање на коронавирусот САРС-КоВ-2 од лабораторијата во Вухан сега сериозно се разгледува.


Фото: Pixabay

Група од Светската здравствена организација (СЗО) што ја посети лабораторијата заклучи дека нема доказ за оваа хипотеза, но повеќе научници не биле сигурни дека Кина била целосно транспарентна за време на посетата и побарале подетална истрага. Главниот епидемиолог на САД, Антони Фаучи, исто така побара подетална истрага за појавувањето на коронавирусот, а американскиот претседател Џо Бајден нареди дополнително истражување на можноста.

Згора на тоа, „Вол стрит џурнал“ неодамна открил дека повеќе истражувачи во лабораторијата се разболеле есента во 2019 г. со симптоми слични на ковид-19 и сезонскиот грип, а најмалку тројца биле хоспитализирани.

Извор: The Conversation