Од тендер до трпеза - како до најбезбедна храна за дечињата во градинките

Од тендер до трпеза - како до најбезбедна храна за дечињата во градинките

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Треба да биде важен квалитетот на храната, а не само цената. Потоа, важни се безбеден процес на готвење, хигиена на највисоко ниво, да се подигне статусот на вработените во кујните и да има редовна едукација зашто се јавуваат нови видови микроорганизми.

- Сакаме да му укажеме на менаџментот на детските градинки кога ги распишува тендерските постапки за набавка на храна, да обрне поголемо внимание при наведувањето точна спецификација за производите што му се потребни со цел да се набави што поквалитетна храна, а не да се оди само со условот најниска цена при изборот на понудата - вели Никола Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ретки се случаите на труење со храна во детски градинки во земјава, а за среќа немало смртен случај. Последното труење се случи лани во штипска градинка каде што беше затворена просторијата на групата јасли откако седум дечиња појавија симптоми на труење со храна. Исто така, пред две години имаше триесетина затруени деца во три кумановски градинки од салмонела во мајонезот. Пред десет години скопска градинка беше казнета со 5.000 евра, а директорката со 500 евра откако 13 деца добија симптоми на труење со храна.

Едукативни работилници за вработените во градинките

Со цел заштита и унапредување на здравјето на децата, Агенцијата за храна и ветеринарство реализира обуки низ цела држава со кои се опфатени стотици вработени во градинките. Целта на едукативните работилници што деновиве се спроведоа во Пелагонискиот Регион е превентивна, за да се избегне евентуална небезбедна храна во предучилишните установи.


Никола Бабовски

- Треба да се обрне внимание на целиот синџир на подготовка на храната, почнувајќи од распишувањето на тендерот, да се знае точно со кои спецификации треба да се настапи, со кој квалитет, да се поседува соодветна опрема во која ќе се приготвува храната, а и да се обрне внимание на самата подготовка, начинот на чување, транспорт, послужување. Значен сегмент се добрата хигиена, производната практика, ХАСАП-системите. Во никој случај не смееме да дозволиме при транспортот на храната од еден објект во друг да дојде до контаминација - вели Бабовски и додава дека инспекциските служби вршат редовни, вонредни и контролни надзори на работата на кујните во градинките, па ретки се инцидентите со небезбедна храна.

Недостига стручен кадар за работа во кујна

Во последно време проблем со кој се соочуваат градинките е недостигот на стручен кадар за работа во кујна. Се случува дел од вработените да заминат во угостителството заради поголема плата.

- Во градинките, за жал, честопати ги слушаме речениците „главниот готвач нѐ напушти“, „помошникот на готвачот нѐ напушти“, „имаме садомијач кој нема соодветно образование“. Па, ајде да ги преквалификуваме овие лице. Да, но друго е кога е стекната средна стручна спрема. Многу е значајно да се знаат основните хигиенски и производни практики кои потоа ќе ни бидат основа за да се заштитиме од опасности што можат да се најдат во храната. Затоа ги замолувам локалните власти и Министерството за труд и социјална политика да преземат мерки за подигнување на статусот на овие професии со цел да ги задржиме професионалците во градинките - вели Светлана Колариќ, државен советник за храна.

Изгледот и мирисот на храната можат да излажат

Таа додава дека е важна и дополнителната едукација на овој кадар зашто има нови видови микроорганизми кои се адаптираат на различни климатски услови, различни материјали, опреми кои доаѓаат во контакт со храна, нови видови храна, рецепти, нови начини на изглед на вработените, од вештачки нокти, трепки... Храната може да биде контаминирана со туѓи тела кои најчесто се гледаат, но вистинска опасност претставуваат бактериите, паразитите, вирусите и мувлите. Според неа, изгледот на оброкот, дури и кога е добар, не треба да нѐ лаже.

- Не секогаш вкусната храна е и безбедна. Доколку убаво мириса и убаво изгледа, не значи дека во неа нема да се најде опасност која ќе ни предизвика проблем во организмот. Не секогаш храната што ја јадевме денес е причина за труење, односно за дијареја или повраќање. Може и храна консумирана пред шест недели да даде симптоми на труење - додава Колариќ.


Светлана Колариќ

Има бактерии чии токсини не се уништуваат и по термичка обработка на храната

Според Колариќ, една од батериите за која се прават анализи, но недоволно, е кампилобактер, ја има во пилешкото и во свинското месо, а потоа е салмонелата во пилешкото месо и во јајцата. Ешерихија коли од фекално потекло, која јасно укажува дека станува збор за нечиста опрема, нехигиенски третирана храна. Листеријата кај овошјето и зеленчукот, која издржува и на температура во ладилник, може да се размножи и на 4 Целзиусови степени. Затоа не смеат да се мешаат свежо овошје и зеленчук со месни и млечни производи во ладилник. Па, клостридиум ботулинум од чиј токсин се прави ботокс зашто го затега мускулот на лицето, но доколку се внесе преку храна, најчесто преку конзервираната, може да предизвика парализа и смрт во краен случај. Стафилококус ауреус, добро позната бактерија зашто дечињата обично ја имаат во носот, грлото, очите, создава токсин, па доколку се внесе преку уста, се јавуваат дијареја и повраќање за кратко време, од два до четири часа. Токсинот од оваа бактерија не го уништува никаква температура.

- На топло време храната не смее да стои надвор повеќе од еден час. Откако ќе се подготви, по еден до два часа треба да биде послужена. Тогаш е периодот кога имаме доволна температура, околу 65 Целзиусови степени, под 63 степени веднаш треба да се стави во ладилник за да се пресече размножувањето на бактериите. На пониска температура се создава средина каде што бактериите многу бурно се размножуваат. Една од тие е стафилококус ауреус. Може некој да ја има на раничка на раката, па лесно да дојде во контакт со храната и на температура меѓу 10 до 60 степени го создава токсинот кој не се уништува и кога термички ќе ја обработиме храната - вели Колариќ.



Посочува дека ако добро се одржува опремата, се чисти, мие, дезинфицира, ако добро се одржува храната, се пече на соодветен температура, не се вкрстува сирова и свежа со веќе подготвена храна, доколку се почитуваат хигиенските навики од страна вработениот, редовно миење на рацете, носење соодветна заштитна опрема, овој вид батерии ќе ги нема.

Труењето да не се лекува на своја рака

Експертите советуваат труењето со храна кај дечињата да не се лекува дома, туку да се побара медицинска помош.

- Многу труења со храна завршиле фатално зашто сите ние кога имаме непријатност во стомакот, дијареја или повраќање, се лекуваме дома. Тоа не треба да биде така, а посебно внимание треба да обрнеме на малите дечиња, не смееме да ги лекуваме на своја рака, туку треба да ги однесеме во соодветна установа за да се направат испитувања и да се открие која е причината - велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Најосетливи на труење со храна се дечињата, старите лица над 65 години, бремените жени и оние со автоимуни заболувања кои земаат хронична терапија.

Фото: Жанета Здравковска