103-годишната Ванг Од Огај е најстариот мајстор за тетоважи на Филипините

103-годишната Ванг Од Огај е најстариот мајстор за тетоважи на Филипините

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

103-годишната Ванг Од Огај е најстариот мајстор за тетоважи на Филипините. Ванг Од живее во провинцијата Калинга, која се наоѓа во планинска област на северниот дел на Филипините, и таа е последниот мамбабаток, традиционален тату-артист од Калинга. Таа е познат мајстор не само на Филипините, туку и во други земји.

Секој ден луѓе од цел свет доаѓаат за да добијат тетоважа од самата легенда. А патувањето до селото каде што живее Ванг Од е прилично долго. Туристите и посетителите мора да патуваат 15 часа северно од Манила до планинското село Бускалан, до кое се доаѓа само со пешачење од најблискиот пат низ шума и оризови полиња.

Луѓето ѝ се восхитуваат на Ванг Од бидејќи таа е последниот мајстор за тетоважи што ја зачувува оваа стара традиција за тетовирање.

тетоважа
Фото: Instagram

За нејзините традиционални тетоважи, Ванг Од користи трн од дрвото помело, стап од бамбус, јаглен и вода. Мастилото што таа го прави се впива длабоко во кожата со помош на трнот и бамбусот. Тетоважите што ги прави се трајни и се движат од различни линии до едноставни форми, племенски отпечатоци, животни, симболи со значење сила и плодност.

Кога првпат се појавила оваа традиција, биле тетовирани само мажите што убиле некого во битка. Но, денес, овие уметнички дела се достапни за сите што ќе успеат да стигнат до ова село.

Главната пречка за одржување на оваа традиција е фактот дека техниката може да се пренесе само на крвно сродство. Културата верува дека во спротивно, тетоважите ќе се контаминираат. Иако Ванг Од нема деца, таа ги научила своите внуки за да ја зачуваат оваа традиција.

- Сите мои пријатели што правеа тетоважи починаа. Јас сум единствената што останав жива и сè уште тетовирам. Не се плашам дека традицијата ќе заврши затоа што ги обучува следните мајстори на тетоважи - вели таа.

На прашањето која е нејзината тајна за долг живот, Ванг Од вели: - Не јадам конзервирана храна, мрсна храна и храна со конзерванси. Јадам само органска храна како зеленчук и грав.



Извор: Bored Panda
Фото: Instagram