Кој вид менувач во автомобил е подобар за мозокот? Јапонските научници го имаат одговорот

Кој вид менувач во автомобил е подобар за мозокот? Јапонските научници го имаат одговорот

Дали начинот на кој ги менувате брзините може да влијае и врз функцијата на мозокот? Група јапонски истражувачи сметаат дека може.

Јапонско истражување покажа дека возењето автомобил со мануелен менувач бара поголем ментален ангажман отколку возењето автомобил со автоматски менувач, што на долг рок би можело да помогне во зачувувањето на одредени когнитивни способности.

Истражувањето го предводеше професорот Рјута Кавашима од Универзитетот „Тохоку“, еден од најпознатите јапонски невронаучници. Неговото име се поврзува и со серијата на „Нинтендо“ под наслов „Бреин ејџ“, која е заснована на тренирање на мозокот преку различни ментални задачи.

Според истражувачкиот тим, возењето автомобил со мануелен менувач го активира префронталниот кортекс, дел од мозокот задолжен за планирање, концентрација, паметење и донесување одлуки.

Причината е едноставна: возачот мора постојано да ги координира движењата на рацете и нозете, да го следи сообраќајот, да го избира соодветниот степен на пренос и да ја усогласува брзината со бројот на вртежи на моторот. Сето тоа бара значително повеќе ментален ангажман отколку возењето автомобил со автоматски менувач.

Истражувачите истакнуваат дека таквото редовно ментално ангажирање претставува еден вид секојдневна вежба за мозокот, што би можело да биде особено корисно во општествата со сè постаро население. Кај автоматските менувачи, а особено кај идните автономни возила, возачот е значително помалку вклучен во овие задачи.

Сепак, мануелните менувачи забрзано исчезнуваат од пазарот. Во Јапонија тие опфаќаат само 1 до 2 отсто од продажбата на нови автомобили и главно можат да се најдат во пристапните лесни комерцијални возила и во одредени спортски модели.


Најевтините јапонски комбиња и таканаречените кеи модели, како што се „сузуки кери“, „сузуки еври“, „даихацу хиџет“ и „хонда н-ван“, и натаму се нудат со три педали. Поголемиот дел од патничките автомобили преминаа на автоматски менувачи поради сè пошироката примена на хибридните погони.

Така, на пример, „тојота корола“ и „хонда сивик“ на јапонскиот пазар се достапни исклучиво со автоматски менувачи, додека мануелните останаа резервирани главно за спортските верзии.

Иако истражувањето не тврди дека мануелниот менувач е чудотворно решение против стареење или невродегенеративни болести, отвора интересно прашање: во време кога автомобилите од возачот бараат сè помалку вештини, менувањето на брзините би можело да остане една од ретките секојдневни задачи што за време на возењето навистина го ангажираат мозокот.

Извор: Nova.rs
Фото: Magnific