Сара Јованова победи на ораторски натпревар со говор за иселувањето: „Младите не си одат за подобар живот, туку бегаат од понижувањето“

Сара Јованова победи на ораторски натпревар со говор за иселувањето: „Младите не си одат за подобар живот, туку бегаат од понижувањето“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сфатив дека иселувањето не е миграција во потрага по подобра плата, туку класичен системски прогон. Најболното сознание беше дека нашата држава не ги губи младите затоа што тие не ја сакаат, туку затоа што системот ги тера да бидат странци во сопствената татковина. Сфатив дека куферите не се пакуваат од желба, туку од скршена надеж, изјавува Сара


Сара Јованова е една од најуспешните млади ораторки во земјава, со повеќе освоени награди на државни натпревари. Годинава таа матурира во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ во Скопје. Неодамна го освои првото место на ораторскиот натпревар „Гарда на мудроста 2025/26“ со говор посветен на иселувањето на младите и последиците од овој демографски предизвик. Со најновото признание Јованова испраќа силна порака дека е гласот на својата генерација и ги пренесува ставовите и предизвиците со кои се соочуваат младите во Македонија.



- За мене, ораторството не е театар, ниту обичен натпревар во убаво зборување. Тоа е најсилното оружје против молкот. Го избрав овој медиум затоа што сфатив дека во општество кое спие, зборовите мора да бидат аларм. Во време кога сите се жалат приватно, некој мора да излезе и да го каже тоа јавно и одговорно. Еден говор нема да го смени системот преку ноќ, но ќе ја сруши илузијата дека сè е во ред. Ораторството е мојот начин да кажам: тука сум, не молчам и одбивам да бидам невидлива - вели Сара.

Јас ја барам живата рана на проблемот

Сара Јованова во своите говори секогаш обработува теми што ја допираат јавноста – од корупција и неправда до иселувањето на младите.



- Секогаш тргнувам од една сурова премиса: „Што е она што сите го живеат, а политичарите и системот вешто го сокриваат зад дефиниции?“ Не ме интересираат суви статистики и политички флоскули. Јас ја барам живата рана на проблемот. Кога зборувам за корупција, јас зборувам за украденото достоинство; кога зборувам за иселување, јас зборувам за празните домови и скршените мајчини срца. Вистинската порака ја препознавам по тежината во сопствените гради. Ако текстот не ме расплаче, не ме налути или не ме наежи додека го пишувам, тогаш немам право да излезам пред публиката и да го барам нејзиното внимание - истакнува Јованова.

Говорот за иселувањето го градела со месеци, со многу бришења и препишувања.

- Најтешката битка беше да се преточи колективната болка на една генерација во само неколку минути говор. Аргументите се очигледни, нив ги гледаме на секој чекор, во распаднатите домови и празните факултети. Но, вистинскиот предизвик беше да се најдат зборови кои нема само да информираат, туку ќе влијаат. Препишував десетици пати затоа што одбивав да звучам патетично или како жртва. Сакав емоцијата да не биде плачлива, туку пркосна. Најтешко беше да се извлече тој премин – од разочарување до бунт - подвлекува Сара.



Сфатив дека куферите не се пакуваат од желба, туку од скршена надеж


Добриот оратор не само што зборува, туку и влијае врз луѓето.

- Аплаузот на согласување сметам дека е евтин и краткотраен. Мене не ми треба публика која само кима со главата во знак на одобрување. Мојата цел е да го нарушам комфорот на умот. Сакам да ја натерам публиката да размислува, да се запраша, па дури и да почувствува бес кон неправдата. Ако некој си замине од мојот говор со чувство на немир и прашањето: „Што преземам јас од утре?“, тогаш мојот збор веќе станал дело. Ораторот не бара истомисленици, ораторот буди заспани умови - вели таа.

Ја прашавме и дали додека го истражувала проблемот и темата за иселувањето на младите, открила нешто што ја изненадило...

- Сфатив дека иселувањето не е миграција во потрага по подобра плата, туку класичен системски прогон. Пред да навлезам подлабоко во ова, мислев дека младите си одат едноставно за подобар живот. Но, вистината е многу посурова: тие бегаат од понижувањето. Најболното сознание беше дека нашата држава не ги губи младите затоа што тие не ја сакаат, туку затоа што системот ги тера да бидат странци во сопствената татковина. Сфатив дека куферите не се пакуваат од желба, туку од скршена надеж - изјавува Сара.



Младите не сакаат да бегаат – младите сакаат да живеат

Според Сара, секој јавно изговорен збор носи одговорност. Еден одличен оратор мора да поседува нешто што не се учи на факултет - апсолутна искреност.

- Публиката има непогрешлив радар за лага, таа може да ти прости трема, но не и неискреност. Ораторот треба да знае да слуша исто толку добро колку што знае да зборува, затоа што најсилните пораки се раѓаат од разбирањето на луѓето. Верувам дека зборовите треба да градат, а не само да критикуваат. Моите амбиции не се врзани за фотелји или титули, туку за влијание. Каде и да ме однесе патот, мојата амбиција е да останам на страната на вистината, да бидам во служба на луѓето и да докажам дека мојата генерација не е немоќна, туку дека е подготвена да ја преземе одговорноста за оваа земја - вели Сара.



Себеси се опишува како „глас на својата генерација“. А ова е нејзината порака до младите во Македонија:

- Без двоумење, тоа е реченицата: „Младите не сакаат да бегаат – младите сакаат да живеат.“
Во тие девет збора е содржан целиот наш крик, но и целата наша дијагноза. Тоа е порака што треба да ечи во ушите на секој што ја води оваа држава. Ние не бараме луксуз, ниту чуда, бараме елементарно достоинство да создаваме иднина таму каде што ни се корените. Со оваа реченица сакам да им порачам на моите врсници дека желбата за живот овде не е наивност, туку наше основно право за кое вреди да се бориме докрај - категорична е Јованова.

Фото: приватна архива